Во општина Гевгелија претстои интензивна инвестициона активност
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски,
при денешната посета на Гевгелија оствари средба со градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, кој го информираше за тековните активности и проекти. Но, истовремено беше разговарано и за надминување на одредени проблеми во комуникацијата на Oпштините со Mинистерството. Посебно, кога се работи за согласностите за донесување на урбанистички планови, забавената постапка и повеќекратното произнесување по доставените забелешки од страна на надлежните служби во ова министерство.
- Од посебно значење за нас е што со поддршка на Министерството за транспорт и врски, годинава, во Општина Гевгелија ќе се пласираат значајни средства за реализација на неколку капитални проекти. Пред се, дел од средствата од доделениот грант од Министерството за транспорт и врски за изградба на улици во висина од 824.000 евра, како и од германскиот грант во висина на 2,5 милиони евра. Покрај ова, како приоритетни зафати за подобрување на патната инфраструктура го издвоив проширувањето и реконструкцијата на регионалниот пат од Живинарска фарма до Ново Конско кој води до Времената депонија и одморалиштето Смрдлива Вода. Исто така, и изградбата на заобиколниот пат околу Гевгелија, односно продолжувањето на Западниот Булевар и негово поврзување со Моински пат, кај Динќут, со што ќе се растовари целосно товарниот сообраќај од центарот на градот, имајќи ја предвид фрекфенцијата на товарни возила кон градилиштето на Конска брана, истакна градоначалникот, Сашо Поцков.
- Добро е кога се соработува со Градоначалници кои реализираат повеќе активности и проекти. На Општина Гевгелија, годинава, и претстои значајна инвестициона активност за подобрување на комуналната инфраструктура. Министерството за транспорт и врски ги поддржа проектите што ќе се реализираат со германскиот грант преку KFW банка, така што на почетокот од март ќе биде распишан тендерот за реализација на неколку капитални проекти во оваа општина. Додека пак до крајот на овој месец треба да биде распишан тендерот од вториот повик за изградба на улицата „Методија Андонов Ченто“ во Мрзенци, во вредност од 12 милиони денари, од грантот за подобрување на уличната патна мрежа што го обезбеди Министерството со средства од Светската банка, истакна по средбата министерот Благој Бочварски.