Сашо Поцков: „Менаџирањето со проектите поважно од тоа кој ги започнал“
- При вчерашната посета во Гевгелија на
претседателот на Владата на РСМ, г. Зоран Заев, покрај предавањето во употреба на новиот погон во фабриката „Конти Хидропласт“ и новата градинка во Прдејци, ја искористив можноста да го информирам премиерот за актуелните состојби во Општина Гевгелија. Заедничка беше констатацијата дека гевгелиската економија е најпогодена од пандемијата со КOВИД-19 поради што од страна на премиерот беа најавени поконкретни мерки во новиот пакет на економски мерки. Во име на сопствениците на гевгелиските хотел-казина, ги пренесов реакциите на одделни иницијативи за измени на Законот за игри на среќа и нивното несложување хотел-казината да бидат на оддалеченост од 500 метри од училиштата. Исто така, го информирав премиерот за најавата од отворање на производен погон за третирање на отпад од страна на италијанска фирма во Гевгелија и веќе даденото негативно мислење од Општината на едно претходно барање во 2019 година, за што беше најавено преиспитување на постапката во Министерството за животна средина, изјави денес за ТВ „НОВА“ градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, информирајќи дека при посетата на новата Градинка во Прдејци било констатирано дека изведбените работи се завршени, а по добиената употребна дозвола и согласност за вработување, се очекува во март, да бидат згрижени децата од Прдејци.
Каков е вашиот коментар на објавата од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Гевгелија и пратеничката Ангелина Петкова дека Градинката во Прдејци е проект на ВМРО-ДПМНЕ?
- Во континуитет сум критикуван од опозицијата за проектите започнати од претходниот Градоначалник, а финиширани за време на мојот мандат. Никогаш не кријам дека некои проекти биле започнати пред моето доаѓање, но вистинското прашање е како се менаџираат проектите. Точно е дека изградбата на Градинката во Прдејци, односно преуредувањето на делот од Подрачното училиште во градинка, ја почна претходниот Градоначалник. Меѓутоа, во 2017 година, по преземањето на градоначалничкиот мандат, затекнав само започната реконструкција, без дефинирана сопственост и имотен лист и без платен ниту еден денар. Настанатиот спор околу пренаменетоста на објектот успеавме да го решиме, објектот да го заведеме во Катастар и на изведувачот да исплатиме 4.8 милиони денари. Дополнително да обезбедиме уште 900.000 денари поради непланираните, а неопходните изведбени работи за профункционирање на градинката, одговори на прашањето градоначалникот Поцков.
- Или пак примерот со новиот Водоснабдителен систем кога стапив на функција. Финансиската конструкција не беше целосно затворена, односно требаше да обезбедиме уште 10 милиони денари, а истовремено да ги решиме и техничките пропусти поради несоодветноста на капацитетот на бунарите со одводните цевки. Грејс периодот мина, па во текот на минатата година веќе ја плативме првата кредитна рата од 8,5 милиони денари, а годинава стигна новата од 4,8 милини денари. Да не ја споменувам Времената депонија, за која немаше обезбеден приоден пат, вода и струја. Дали според критиките на опозицијата проектот требаше да го прекинам или да го финиширам. Најбитно е проектот да се изменаџира за успешно да профункционира, бидејќи многу поважно е да се фокусираме на тоа како се потрошени јавните пари, отколку тоа кој го започнал проектот, истакна Поцков, посочувајќи го како најдрастичен примерот со станбената населба „Караорман“ во Гевгелија, каде што пред неговото доаѓање биле продадени бројни градежни парцели и наплатени комуналии, но инвеститорите оставени без вода и канализација. Точно, дека велиме ЌЕ, но, за разлика од порано, кога на изведувачите им се ветуваше, а не им се исплаќаше, сега изградивме нова канализациона и водоводна линија на „Караорман“ и ги задоволивме потребите на граѓаните, нагласи тој.
Што се однесува пак до до забелешката од претеничката Ангелина Петкова дека и Младинскиот дом во Прдејци е празно ветување, градоначалникот Поцков и порача да го прелиста Службениот весник на РСМ, каде што е објавена одлуката на Владата на РСМ за доделување на средства од пренаменетите средства за ТАВ на 90 проекти, меѓу кои и Домот на културата во Прдејци. За таа цел, веќе е издадено одобрение и извршени сите подготовки за реализација на проектот вреден 13 милиони денари.
- И покрај пандемијата, минтата година реализацијата на Општинскиот буџет изнесува 81%, додека на Основниот буџет 80%, која реализација е скоро слична на претходната, во 2019 година, која важи за најуспешна досега. Што е уште позначајно, 40% од вкупната реализација беа капитални расходи, а тоа е најдобра потврда дека заложбата финансиската конструкција да биде затворена пред секоја реализација на проектот, доследно се применува, рече Сашо Поцков.
Во разговорот за ТВ Нова, Градоначалникот на општина Гевгелија во врска со загаденоста на амбиенталниот воздух во Гевгелија рече:
- По поставувањето на мониторинг станицата во Гевгелија видовме дека и Гевгелија во одредени денови е загадена поради што се обративме до Минитерството за животна средина и просторно планирање, кое ги менаџира мониторинг станиците во земјата, за лоцирање на можните загадувачи. Најавена е постапка за подбрување на квалитетот на воздухот, во која е вклучена и Општина Гевгелија.