Општина Гевгелија нема издадено позитивно мислење или дозвола за складирање и третман на отпад
Во врска со шпекулациите во јавноста за наводно
даденото „позитивно мислење“ од страна на Општина Гевгелија на фирмата „Г&О ВАСТЕ СОЛУТИОН ДООЕЛ Скопје за складирање и третман на отпад во Гевгелија, заради правилно информирање, сакаме да и ги предочиме на јавноста на следните факти:
По неофицијалните информации дека на Друштвото за трговија, услуги, обработка на отпад и производство на енергија Г&О ВАСТЕ СОЛУТИОН ДООЕЛ Скопје, за неговата подружница, во закупените простории на улица „Индустриска“ во Гевгелија, од страна на Министертството за животна средина и просторно планирање му е издадена дозвола за вршење на дејност складирање и третман на отпад, Општина Гевгелија реагираше до Министерството за животна средина и просторно планирање, укажувајќи дека во текот на 2019 година по барањето на фирмата „П&П“ ДОЕЕЛ Скопје, во закупените простории на улица „Индустриска“ во Гевгелија, сега наведени од фирмата Г&О ВАСТЕ СОЛУТИОН ДООЕЛ Скопје (станува збор за истата фирма), беше дадено негативно мислење.
Притоа, се објаснува дека Советот на Општина Гевгелија на својата 35 седница, одржана на 12 ноември, 2019 година, издаде повторно негативно мислење на компанијата „П & П Индустриас“ ДОО Скопје за складирање и производство на палети од RDF во општина Гевгелија.
Писмо од Општина Гевгелија до Министерството за животна средина и просторно планирање
Во одговорот од Министерството за животна средина и просторно планирање, доставен на 1.02.2021 година се наведува дека на компанијата Г&О ВАСТЕ СОЛУТИОН ДООЕЛ Скопје со подружница на улица „Индустриска“ и е издадена дозвола за вршење на дејноста складирање и третман на отпад од 25.11.2020 година и Решение за проширување на Дозволата за складирање и третман на отпад од 24.11.2020 година, во согласност со Законот за управување со отпад и Правилникот за минимални технички услови за вршење на дејноста складирање, третман и преработка на отпад. Притоа, се нагласува дека конкретната дозвола е издадена со оглед на тоа што правното лице ги исполнува условите за вршење на дејност складирање и третман на видовите отпад според Листата на видови на отпад.
Министерството за животна средина и просторно планирање во одговорот нагласува дка воопшто не станува збор за издадена дозвола за складирање на отпад за производство на пелети од RDF (Шифра 19 12 10 – запалив отпад-смеса на гориво), туку само за отпад од пластика. Истовремено, наведува дека согласно постапката што ја водело Министерството, доставена е Потврда број 11-736/2 од 15.09.2020 година од Општина Гевгелија издадена на правното лице Г&О ВАСТЕ СОЛУТИОН ДООЕЛ Скопје, во која се наведува дека локацијата КП број 2232/1 КО Гевгелија се наоѓа во градежниот опфат на ДУП со намена Г2, Г3, Г4- Лесна и незагадувачка индустрија, Сервиси и Стоваришта.
Одговор од Министерство за животна средина и просторно планирање
Општина Гевгелија, односно, Секторот за урбанизам и просторно планирање, согласно своите надлежности и законски одредби на сите баратели – правни лица им издава Уверение дека наведената локација се наоѓа во градежниот опфат на ДУП. Во конкретниот случај во Уверението се наведува дека наведената катастарска парцела се наоѓа во градежниот опфат на ДУП за Блок 10, со намена Г2, Г3, Г4- Лесна и незагадувачка индустрија, Сервиси и Стоваришта.
Уверение за катастарска парцела
Според тоа, Општина Гевгелија не дала позитивно мислење или дозвола нафирмата Г&О ВАСТЕ СОЛУТИОН ДООЕЛ Скопје, бидејќи тоа не било побарано од неа, освен потврдата за намената во градежниот опфат што е законска обврска. Имено, Општината на сите баратели – правни субјекти и физички лица им издава уверенија со кои се појаснува намената на ДУП-от за одредена градежна парцела.