Хуманоста потврдена на дело
Општинската крводарителска акција
„Дарувај крв, спаси нечиј живот“ ја потврди хуманоста на дело на гевгеличани. Имено, голем број крводарители и граѓани на Гевгелија се одзваа на повикот на Општина Гевгелија за дарување на драгоцената течност. Во крводартителската акција што ја организираше Општина Гевгелија заедно со Одделението за трансфузиона медицина-Гевгелија, а во соработка со Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, беа дарувани 68 единици крв.
- Гевгеличани уште еднаш ја потврдија својата хуманост и во голем број се пријавија и учествуваа во крводарителската акција што ја организиравме со Одделението за трансфузиона медицина во Гевгелија, а со логистика на Домот на културата. Сакам да упатам голема благодарност до сите крводарители бидејќи со дарувањето на својата крв спасуваат нечиј живот. Уште позначајно е што акцијата се спроведува во услови на панедмијата од КОВИД-19 кога драгоцената течност е уште повеќе потребна. Општина Гевгелија секогаш ќе биде отворена за соработка кога станува збор за вакви хуманитарни акции. Бидејќи очигледно голем број граѓани дарувањето на крв и спасувањето нечиј живот ги сметаат за приоритетни вредности, истакна градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, за време на акцијата, упатувајќи благодарност до Одделението за трансфузиона медицина во Гевгелија и Домот на културата кои помогнаа во реализацијата на акцијата.
Според раководителката на Оделението за трансфузиона медицина во Гевгелија, д-р Славица Ортакова, Гевгелија е позната по крводарителските акции и доброволните дарители кои редовно ја демонстрираат својата хуманост. Оваа акција е посебно значајна бидејќи се случува за време кога поради пандемијата е загрозено здравјето на граѓаните. Но, и покрај тоа крводартителите од општина Гевгелија во голем број учествуваа во оваа акција и ја даруваа својата крв, за што сум посебно благодарна. Граѓаните, исто така, ја даруваат и својата крвна плазма што на тој начин уште подиректно им помагаат во лекувањето на заболените од КОВИД-19. Сакам да упатам благодарност и до Општина Гевгелија која ја иницираше и заеднички успешно ја спроведовме оваа акција, обезбедувајќи значително повеќе од очекуваните единици крв, истакна Ортакова.
На сите доброволци за дарувањето крв, по проверката на здравствена состојба и дарувањето крв, им беа поделени благородни појадоци. Од страна на Општина Гевгелија на секој крводарител му беше доделен пакет конзервирани производи – донација од конзервната фабрика „ДИЕМ“.