Забележан пораст на новозаболени од КОВИД-19 во општина Гевгелија
Според евиденцијата на заболени од КОВИД-19
на Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство на РСМ, Гевгелија секојдневно на мапата бележи значаен пораст на нови случаи од Корона вирус откако во јануари стагнираше со новозаболени. На подрачјето што го опфаќа Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија, досега, се регистрирани вкупно 1060 заболени, 23 смртни случаи, 937 оздравени, а 100 активни случаи. Д-р епидемиолог, Сашко Олумчев, даде свое видување и објаснување за моменталната состојба со бројот на пациенти кои се лекуваат во КОВИД-болницата и кои се причините што повторно се зголеми бројот на нови случаи во општината:
- Во моментот, во нашата КОВИД- болница имаме 6 пациенти на лекување, како и поголем број на пациенти во дневната болница и на домашно лекување. Интересно е што изминатиот период имавме два случаи кога лица кои веќе го прележале коронавирусот, повторно се инфицирани, тоа го откривме преку стрининг, додека пациентите немаа никакви симптоми. Можам да кажам дека веќе имаме појава и на семејни кластери последните денови, а сигурен сум дека бројот на новозаболени во наредниот период ќе ни се зголемува. Се работи за мутиран вирус кој е повирулентен, побрзо се пренесува , но симптоматологијата е иста како и кај „обичниот“ КОВИД-19, забележува раководителот на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија, д-р епидемиолог Сашко Олумчев.
- По еден мирен период во текот на месец јануари, забележително е зголемување на новозаболените од КОВИД-19 во нашата општина и општините кои се под ингеренција на ЦЈЗ Велес- ПЕ Гевгелија. Една од причините за тоа е попуштање на дисциплината на нашите сограѓани и почитувањето на препораките од Министерството за здравство, за време на верските празници, разните имендени и веселби, а другата причина е продорот на мутираниот „Британски сој“ на вирусот и во нашата земја. Штом го има во нашето соседство, штом се појави и во некои наши градови, јасно е дека тој сој е присутен и во Гевгелиско. Едноставно, поради миграцијата меѓу градовите, како и патувањата во соседните земји каде е дозволен влез за македонските граѓани, истакна Олумчев.