Преку партнерски однос до поквалитетно средно стручно образование
Денеска, во Богданци, се одржа трибина во склоп на
кампањата „Учи паметно, работи стручно“ на Министерството за образование и наука и Владата на РСМ за унапредување на средното стручно образование во регионот. На средбата присуствуваа: претседателот на Владата на РСМ-Зоран Заев, министерката за образование и наука- Мила Царовска, амбасадорот на Швајцарија- н.е. Сибил Сугер, Градоначалниците и директорите на средните училишта во општините Гевгелија, Богданци и Валандово, претставници на Стопанска комора на Македонија и на Центарот за стручно образование и обука, како и претставници на локални компании.
На средбата се споделија информации кои се во интерес на подобрување на средното стручно образование, создавањето квалификуван и стручен кадар кој ќе одговара на потребите на пазарот на трудот, но и за зголемување на можноста за вработување на младите.
- Серијата трибини од кампањата „Учи паметно, работи стручно“ на Владата на РСМ и Министерството за образование, во соработка со локалните самоуправи, е дел од нашата приоритетна агенда за идентификација на потребите на пазарот на трудот, врз основа на тоа што ги правиме модификациите во нашиот образовен систем. Низ дебатите со учениците и со претставниците реалниот сектор, односно со нашето македонско стопанството, ги презентираме предностите за средните стручни училишта. Како, и придобивките за учениците кои ги мотивираме да се изградат во стручни млади луѓе, за кои постои огромна потреба на пазарот на трудот. Стручното образование е меѓу приротетите на Владата.
Со вложување во средното стручно образование создаваме кадар којшто е работоспособен да се јави на пазарот на трудот. Но, имаат и можност своите знаења да ги надоградуваат и во високото образование. Во овој концепт на дуално образование, стекнувањето на стручните вештини во училиштата, во огромна мера се надополнува во тесна врска со компаниите кои покажуваат огромен интерес и поддршка да обезбедат можности за практична работа низ производствените процеси. Во таа насока, оваа година, ја променивме политиката за стипендирање, со тоа што за првпат се воведени стипендиите за учениците од струките. Го зголемивме бројот на стипендии за електротехничката, како и за: машинската, земјоделско-винарската, текстилно- кожарската и градежно-геодетската струка, истакна во своето обраќање претседателот на Владата, Зоран Заев.
- Ова го правиме за да ја намалиме хиперпродукцијата на непродуктивни кадри и за да го стимулираме образованието во градење на високо-стручни кадри кои се веднаш подготвени да одговорат на современите потреби на новата македонска економија. Истовремено, овие образовни политики се добра основа и поттик за младите луѓе да се охрабрат и своите идеи да ги претворат во успешни сопствени бизниси, да ги искористат поволностите од финансиската поддршка што ги нудат „start up“ бизнис-компаниите, особено, после КОВИД-пандемијата кога се очекува рестарт на економијата. Овие квалитетно квалификувани кадри ќе бидат добродојдени во компаниите што инвестираат во нашата земја, а заради развиената технологија баараат стручност и компетентност. Овие реформи ги спроведуваме со поддршка од нашите странски пријатели и од нивните искуствата во дуалното образование, заврши премиерот Заев.
- Оваа кампања има за цел да ја врати довербата помеѓу училиштата кои нудат стручно образование и компаниите на локално и регионално ниво. Сите ние сме свесни дека потребата од квалификувани работници е голема и дека навистина е важно за развој на економијата да училиштата и образовниот систем воспостави квалитетни образовни програми. Но за да можат тие да бидат квалитетни и во чекор со времето и потребите на компаниите, е значајно и тие да учествуваат во образовниот процес. И, токму тоа ние го правиме заеднички со стопанската комора. Како Влада веруваме дека само преку овој тип на дијалог може да стигнеме до стварање квалификувани профили во однос на тоа што е потреба на компаниите, истакна министерката Царовска.
Според градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, погрешна е тезата дека во пазарната економија нема планирање.
- Веќе чекориме во третата декада од 21 век кога на бизнисмените им се потребни пари, технологија и човечки ресурси. Парите можат да се обезбедат преку профитно работење, кредити или други извори. Во глобализацијата сме опкружени со најсовремена технологија, така што главната битка во 21 век ќе се води за човечки ресурси. Затоа, денешната средба ја сфаќам како партнерски однос меѓу сите нас што испорачуваме политика и бизнис-заедницата, со јасно дефинирани задачи. Централната власт да креира поволна и предвидлива бизнис-клима, Министерството за образование и наука да креира квалитетна наставна програма, а локалната самоуправа да обезбеди најповолни услови за примена на наставната програма. Обврска на бизнис-заедницата е да дава информации согласно своите краткорочни и среднорочни бизнис-планови за потребните кадри и да обезбеди услови за практична настава на средношколците, истакна во своето обраќање Сашо Поцков, нагласувајќи:
- Само така, обединети сите заедно можеме да ја направиме македонската економија поконкурентна на европскиот пазар, чекорејќи по Европската агенда од која повеќе нема враќање назад.