Јавна средба за новоотворениот погон за складирање и третман на отпад во Гевгелија
Во Гевгелија денес беше одржана средба на која:
претставниците на Министерството за животна средина и просторно планирање, претседателот и членовите на Советот на Општината, компаниите од Јужната индустриска зона и невладините организации, беа запознаени од страна на претставниците на компанијата GO WASTE Solution ДООЕЛ Скопје за новата инсталација, во погоните на улица „Индустриска“ во Гевгелија.
Според градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, средбата е организирана да се запознаеме со фактите, притоа потсетувајќи дека во 2019 година на иста ваква средба, во ист формат, се произнесовме негативно по барањето на компанијата „П & П Индустриас“ ДОО Скопје за складирање и производство на пелети од RDF во Гевгелија. Поточно, најпрво, како Градоначалник се произнесов негативно на бараното мислење, доставено од Министерството за животна средина. По повтореното барање, организирав јавна средба со претставниците на компанијата за запознавање со нивниот проект, а Советот на Општина Гевгелија на својата 35 седница, одржана на 12 ноември, 2019 година, го потврди негативно мислење.
- По неофицијалните информации дека во Гевгелија ќе биде отворен погон за складирање и третман на отпад, во истиот погон на улица „Индустриска“, се обратив до Владата на РСМ и Министерството за животна средина и побарав информација и преиспитување на веќе издадената дозвола, без наше мислење. Притоа, потсетив на издаденото негативно мислење на фирмата ПиП, но, и воопшто, на референдумски потврдениот став - на територијата на Општина Гевгелија да не се дозволуваат истражувања и ископувања на металични суровини.
Во одговорот од Министерството за животна средина и просторно планирање, беше наведено дека на компанијата GO WASTE SOLUTION ДООЕЛ Скопје, со подружница на улица „Индустриска“ и е издадена дозвола за вршење на дејноста складирање и третман на отпад од 25.11.2020 година, во согласност со Законот за управување со отпад и Правилникот за минимални технички услови за вршење на дејноста складирање, третман и преработка на отпад. Притоа, се нагласува дека конкретната дозвола е издадена со оглед на тоа што правното лице ги исполнува условите за вршење на дејност складирање и третман на видовите отпад според Листата на видови на отпад. Министерството за животна средина и просторно планирање во одговорот нагласува дека воопшто не станува збор за издадена дозвола за складирање на отпад за производство на пелети од RDF, само за отпад од пластика, рече Поцков, потенцирајќи дека во врска со шпекулациите во јавноста дека Општина Гевгелија, односно јас како Градоначалник сум издал дозвола, сакам да нагласам:
- Во Секторот за урбанизам и просторно планирање, согласно своите надлежности и законски одредби, на оваа фирма, како впрочем и на сите правни и физички лица, и е издаденоУверение дека наведената катастарска парцела се наоѓа во градежниот опфат на ДУП за Блок 10, со намена Г2, Г3, Г4 - Лесна и незагадувачка индустрија, Сервиси и Стоваришта.
Управителката на компанијата, Перизат Боромпаева, информираше дека со пробната работа во погонот во Гевгелија започнале во декември, минатата година, согласно добиената дозвола од Министерството за животна средина за складирање и третма на пластика, која потекнува од неколку компании во Македониија. Која се користи за обука на вработените. Станува збор за инсталација согласно сите законски и европски стандарди, истакна таа нагласувајќи дека GO WASTE нема никаква поврзаност со ПиП Индустриас, на која пред две години и беше дадено негативно мислење.
Од страна на државниот секретар на Министерството за животна средина, Каја Шукова, беше информирано дека во текот на минатата година, по апликацијата од фирмата GO WASTE SOLUTION, а по изработениот Елаборат за влијанието на животната средина, согласно со Законот за управувањe со отпад, беше издадена дозвола за складирање и третман со пластика. Бидејќи се работи за незагадувачка инсталација, согласно законските одредби, при издавањето на оваа дозвола не се бара мислење од локалната самоуправа. GO WASTE нема дозвола за увоз на пластика, рече Шукова.
Претставниците на Советот на Oпштината, невладините организации и другите присутни поставија повеќе прашња и изнесоа повеќе дилеми поради неинформираноста и заобиколувањето на локалната самоуправа при идавањето на дозвола за работа. Особено, што погонот се наоѓа во стопанска зона, каде што во непосредна близина се наоѓаат и преработувачки и прехранбени погони. Оттука, и наметнатите дилеми дали доследно е постапено според Законот за управување на отпад.
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, констатираше дека средбата ја оправда својата цел, изразувајќи надеж дека присутните добиле одговор на поставените прашања и изнесените дилеми. Нагласувајќи дека се работи за сензитивно прашање. Исто така, забележа дека сите изнесени мислења и предлози ќе бидат проанализирани, по што ќе бидат утврдени насоките за натамошната активност, се разбира, согласно законските одредби и надлежности на Општината.