Општина Гевгелија потпиша Колективен договор
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков
на денешната средба со претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РСМ, Пецо Грујовски и претседателката на Синдикалната организација при Општина Гевгелија, Драгица Јованова го потпишаа Колективниот договор, со кој ќе се регулираат и унапредуваат правата на вработените во општинската администрација, во Гевгелија.
По потпишувањето на Договорот, градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, изјави:
- При подготвителните активности за потпишувањето на Колективен договор, главната цел што си ја поставивме беше унапредување на правата на вработените, но и нивна мотивација. И тоа, не како облигација, туку како добра волја. Водени од тие две премиси, заедно со претседателот на Синдикатот на работниците и претседателката на Синдикатот на Општина Гевгелија ги завршивме и усогласивме приоритетите и денес дојде до тој чин, потпишување на ваквиот договор. Очекувам дека овој договор ќе придонесе поголема мотивираност кај вработените, пример за поголемо уредување на односите помеѓу работодавачот и вработените, со цел да изградиме општинска администрација со висока професионалност, во служба на граѓаните. Посебно ми е драго што во мојот мандат, за првпат откако постои локалната самоуправа, се потпиша ваков договор, заврши Градоначалникот, упатувајќи голема благодарност за професионалноста на вработените во Синдикатот на работниците.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РСМ, Пецо Грујовски, во својата изјава истакна:
- Подготвителните активности за склучување на овој Договор траеја малку подолго, во координација со градоначалникот Поцков, сакајќи да дојдеме до квалитетно решение. И, сето тоа резултираше со потпишувањето на Договорот. Уште на почетокот, на првата средба со Градоначалникот, иницирана од наша страна, ги имавме неговата доверба и расположение, прифаќајќи не како рамноправни социјални партнери. Со овој колективен договор се унапредени правата на вработените, како што се флексибилното работно време, работа во неработни денови, паузи, годишен одмор, платено отсуство заради лични и семејни околности, неплатено отсуство, додатоци на плата и сл. Истиот претставува допрецизирање на правата согласно законите, истовремено и унапредувајќи ги. Се надевам дека вработените ќе бидат задоволни, ќе бидат мотивирани и апсолутно професионално ќе ги извршуваат своите работни обврски за да ја оправдаат довербата кај работодавачот.