Сашо Поцков: „Непочитувањето на мерките го зголеми бројот на новозаболени од КОВИД-19“
- Факт е дека во последните денови се зголемува бројот
на новозаболени од КОВИД-19 и се влошува епидемиолошката состојба. Каква ќе биде понатамошната состојба, зависи од нас самите, бидејќи ние сме тие што се одговорни за сопственото и јавното здравје. Евидентно е дека одредени протоколи не се почитуваат, поготово од страна на младите, без разлика што популацијата на заболени можат да опфатат и цели кластери- семејства, изјави градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков по податоците за влошената епидемиолошка состојба.
- Сакам да апелирам до граѓаните, посебно до младите сограѓани, да ги почитуваме протоколите и мерките. По една година искуство со пандемијата и кризата, со помош на вакцината сакаме да ставиме крај на ова зло и животот што побргу да го вратиме во нормала. Но, повторно се враќаме на бројките кога имавме пикови во изминатиот период. Уште еднаш апелирам до помладата популација за доследно почитување на мерките, за негрупирање за време на викенд, во кафичи, излетнички места и сл. Знаеме дека младите се позитивни, полни со енергија, меѓутоа сето тоа за време на пандемијата носи одговорност. Влијае врз отвореноста на границите и последиците во локалниот економски развој. Од епидемиолошката слика, поточно, oд тоа колку малку имаме новозаболени, толку побргу ќе се вратиме во нормала, а тоа значи и враќање на економски развој на Гевгелија во кондиција, истакна Поцков, нагласувајќи дека во зависност од натамошната слика во Општината, ќе зависат и наредните мерки, односно дали ќе биде свикан Општински штаб за заштита и спасување.