Во тек се постапките за изградба на гасоводот Неготино - Гевгелија
Во тек се постапките за изградба на
магистралниот гасовод од Неготино до Гевгелија и интерконекциското поврзување со соседна Грција. Како што најави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, при неодамнешната работна посета на Гевгелија, до средина на оваа година ќе биде извадено одобрение за градење, а до крај на годината, можеби и порано, ќе се распише тендер за изградба на магистралниот гасовод од Неготино до Гевгелија.
- Проектот е готов, за него има одобрение од Министерство за животна средина и заедно со Национални енергетски ресурси се работи за побрза изградба на оваа магистрална делница. Со изградбата на гасоводот во должина од 68 километри ќе се направи чекорот за поврзување со интерконекторот со Грција.
Во интервјуто за новинарите, Бочварски истакна дека во завршна фаза се и магистралните делници Скопје-Тетово-Гостивар, како и Битола-Неготино, a ја најави и изградбата на останатите делници во наредната година:
- Наредната година продолжуваме со гасоводот од Свети Николе до Велес и од Гостивар до Кичево, рече Бочварски. Многу е важно што Министерството за економија работи на постапка за избор на фирма која преку јавно-приватно партнерство ќе ја гради и секундарната мрежа низ општините.