Усвоени Програмите за финансирање спортски и културни проекти и програмски активности на НВО и Месните заедници за 2021 година
Советот на Општина Гевгелија, на денешната седница,
ги усвои Програмите за распределување финансиски средства од Буџетот на Општина Гевгелија за реализирање програмски активности на физички и правни лица од областа на спортот и културата. Во Програмата за финансирање на програмите и проектите од областа на културата од интерес на општина Гевгелија се опфатени 38 носители на културни проекти и манифестации, за кои се утврдени средства од Буџетот на Општина Гевгелија во висина од 2.500.000 денари. Додека, во Програмата за финансирање на спортските активности за 2021 година со утврден буџет во висина од 7.500.000 денари, поддржани се 30 правни и физички субјекти. Членовите на Советот ги усвоија и Програмите за финансирање проекти, манифестации и значајни настани на Месните заедници во општина Гевгелија за 2021 година и за финансиска поддршка на програмските активности на НВО секторот. За реализација активностите утврдени во двете програми, се предвидени финансиски средства во висина од по 300.000 денари.
Донесена е Одлука за прифаќање на донација од Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) заедно со партнерите ЗЕЛС И ПАКОМАК. Станува збор за донација од 10 контејнери за селективно одложување на стаклениот отпад преку Регионалниот проект „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан“. Со Одлука на Советот, се изврши измена и дополнување на Статутот на Општина Гевгелија кои се однесуваат на Партиципативното тело во областа на урбанизмот, а исто така и Одлука за ажурирање на процената за загрозеноста на подрачјето на општина Гевгелија од сите ризици и опасности. Советничкиот состав го усвои Извештајот од извршениот попис на побарувањата и обврските, паричните средства и хартиите од вредност во Општина Гевгелија, состојба до 31.12.2020 година.
На седницата се даде согласност за измените и дополнувањето на Годишниот план за вработување на ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија за 2021 година, Планот за запишување ученици во прва година средно образование во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија во учебната 2021/2022 година и дополнувањето на Финансовиот план на ЈОУ ДГ „Детска радост“- Гевгелија за 2021 година за сметка 903, блок-дотации.
Советниците ги усвоија Извештаите за работа во 2020 година и Програмите за работа за 2021 година на Јавните општински установи: Дом на култура „Македонија“, Библиотека „Гоце Делчев“, Пионерски дом и Работнички универзитет „Кирил и Методија“ и Извештајот за состојбата на јавната безбедност во општина Гевгелија за 2020 година и работата на ПС ОН- Гевгелија.
Од страна на РЦ за ГР „ЈУГ“- ПТЦ „Винојуг“- Гевгелија, членовите на Советот беа информирани дека во Привремениот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија привремено се сместени 9 лица- илегални мигранти и тоа од: Еритреја, Сомалија и Авганистан. Директорот на Општа болница со проширена дејност- Гевгелија, д-р Митко Крџев информираше за состојбата со здравствената заштита на населението во општина Гевгелија и состојбата со здравствениот кадар во ЈЗУ во општина Гевгелија. Што се однесува на регистрирањето новозаболени од КОВИД-19 во Општина Гевгелија, Советот заклучи дека епидемиолошката слика покажува растечки тренд, а што се однесува на состојбата со здравствевиот кадар дека Општата болница е комплетиран и функционален. Исто така, на Совет беше споделена и информација за работењето на АД Водостопанство на РСМ- Подружница „Јужен Вардар“- Гевгелија во 2020 година.