Значајни инфраструктурни зафати и во услови на пандемија
- Во услови на пандемија, минатата година остваривме
висока буџетска реализација, што е уште една потврда за реализираните активности, истакна градоначалникот на oпштина Гевгелија, Сашо Поцков, во интервјуто за ТВ „НОВА“, осврнувајќи се на Извештајот за работата на градоначалникот на Општина Гевгеија во 2020 година што ќе се најде заедно со Завршната сметка на Општинскиот буџет на претстојната седница на Советот на Општина Гевгелија. Имено, вкупно реализираните приходи на Буџетот на Општина Гевгелија за 2020 година изнесуваат 428.072.622 денари или 80,94 % од планираниот буџет во вкупен износ од 528.891.907 денари. Додека пак, реализацијата на Основниот буџет проектиран на 233.515.467 денари што е параметар за доброто работење на Општината, скоро 81%.
- Што е уште позначајно, од вкупно планираните 89.768.685 денари за капитални расходи биле реализирани 69.413.655 денари или 77,32%. Тоа е само потврда дека најголем дел од планираните инвестициони активности се реализирани. Посебно, кога станува збор за патната инфраструктура, за чие проширување и подобрување во 2020 година беа вложени скоро 39 милиони денари или 630.000 евра, главно, средства од Oпштинскиот буџет. Најмногу средства - 23.549.876 денари беа вложени за изградба на нови улици и тековно одржување на локалните патишта. Притоа, беа изградени 1.250 м² нови улични површини, меѓу кои и целосната реконструкција на улицата „Индустриска“ во Гевгелија. Исто така, беа темпонирани улицата „Кожуф“ во Гевгелија и улицата „Борис Трајковски“ во населеното место Мрзенци, како и дел од примарната секундарна мрежа за мултинаменски комплекс „Милци“- Гевгелија, истакна Поцков.
- Минатата година беше извршена и санација на Mостот и речното корито на Сува Река, на влезот во Моин, инвестиција која чинеше 2.037.863 денари. За реконструкција на улици во општина Гевгелија, во текот на 2020 година, беа вложени 4.648.288 денари, со кои средства беше обновен асфалтот на површина од 8.712 м². За бетонирање од Општинскиот буџет беа издвоени 5.984.497 денари за бетонирање на 6.593 м² помали улици, краци и тротоари. Додека пак, со павер-елементи беа уредени 4.794 м² тротоари, патеки и други јавни површини. За одбележување е што во Гевгелија успешно се реализирани два проекта кои придонесуваат за поголема безбедност во сообраќајот, но и кои го менуваат урбаниот лик на градот. Извршена е целосна реконструкција на улицата „Илија Миов“, како и на улицата „Миле Пецанов“, која беше преуредена. Почнувајќи од уредувањето на тротоарите, поставувањето на систем „капка по капка“, па се до засадувањето на нови дрвореди. Исто така, една од главните сообраќајници во центарот на градот - дел од улиците „7 Ноември“ и „Димитар Влахов“ доби нов асфалт, рече градоначалникот на Општина Гевгелија, нагласувајќи дека покрај патната инфраструктура, значајни вложувања имало и во комуналната инфраструктура, пред се, изградбата на целосната комунална инфраструктура во станбената населба „Караорман“, во Гевгелија.
Во врска, пак, со наредните планирани активности, градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, истакна:
- Заврши тендерската постапка за изградба, реконструкција, бетонирање и тековно одржување на улиците која предизвика голем број понудувачи, но и намалување на цената на електронското јавно наддавање. Така, за реализација на овие четири тендери од патната инфраструктура ќе бидат наменети 32 милиони денари, во прв ред, за тампонирање на улиците во населбата „Караорман“, пробивање на нова улица кај Градинката „Сончогледи“, реконструкција на два крака во стопанската зона „Ракита“ и асфалтирање на дел од патот Негорци-Кованец, како и бетонирање на повеќе краци. Како што е познато, предлогот за зголемување на дозволениот процент на Општинските буџети од 30% на 50% ја мина комисиската расправа и по неговото донесување во Собранието на РСМ ќе уследи ребаланс на Општинскиот буџет. Средствата ќе бидат наменети за четири значајни проекти – изградба на новиот парк „Градски сквер“, пробивање на Западен булевар, изградба на улицата „Александар Бел“ на Мрзенски Рид и отворање на нова сообраќајница кај Милци.