Општа болница ќе добие нов рендген-апарат, донација од Јапонската амбасада
Јапонската амбасада во Република Северна Македонија
на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија ќе и додели нов дигитален рендген-апарат. За таа цел, денеска во Општина Гевгелија беше потпишан Договорот за поддршка помеѓу јапонскиот амбасадор во РСМ, Н.Е. г-дин Хиронори Савада и директорот на Општа болница- Гевгелија, д-р Митко Крџев. На церемонијата присуствуваа градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков и претседателот на Совет на Општина Гевгелија, Тодор Ристов и претставници на персоналот во Општа болница- Гевгелија.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, посакувајќи му добредојде на јапонскиот амбасадор, истакна дека овој ден е навистина значаен за Општина Гевгелија, бидејќи граѓаните добиваат уште еден јапонски грант, со што ќе се подобри здравствениот систем во општината.
- Тоа е уште една потврда дека успешната соработка меѓу Општина Гевгелија и Јапонската амбасада и натаму продолжува. Затворањето на грчката граница кон нашата земја, поради пандемијата, предизвика огромни штети на туризмот и угостителството, но и на услужните дејности. Затворање на хотелски капацитети, стоматолошки ординации и конфекциски погони предизвика отпуштање од работа на значаен број вработени.
Затоа и помошта од Јапонската влада за набавка на нов рендген апарат е многу значаен, во прв ред, за Општата болница, но и за сите граѓани во општина Гевгелија, рече Поцков и ги потсети претходните донации на општина Гевгелија од страна на Јапонија:
- Истото се случи и по бегалската криза која ја зафати нашата земја, посебно нашата општина, бидејќи бегалската рута минуваше оттука. Од страна на Јапонската влада во 2018 година на Општина Гевгелија и беше доделен грант во износ од 960.645 долари, за изградба на Времената депонија за комунален отпад, бидејќи постојната - крај Прифатниот центар за транзит на мигранти, немаше капацитет да го прифати зголемениот комунален отпад. Пред една деценија на Општина Гевгелија од страна на Јапонската влада и беше доделено специјално возило за собирање и дистрибуција на комунален отпад, во вредност од 4,5 милиони денари. Исто така, за потребите на образованието, во ООУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија, со доделениот јапонски грант од 3.900.000 денари, беше извршена замена на дотраената столарија. Значи, досега Јапонската влада и јапонскиот народ на Општина Гевгелија и помогнаа со скоро 62 милиони денари или над 1,2 милиони долари.
Амбасадорот Савада изрази голема благодарност до градоначалникот Сашо Поцков за топлиот пречек, истакнувајќи дека е посебно среќен што за првпат доаѓа во Гевгелија по повод потпишувањето на Договорот.
- Ова е десеттиот договор потпишан оваа година и осми во Гевгелија, во рамки на Програмата за мали грантови за основни потреби и човекова безбедност, позната како GGP – програма. Јапонија ќе обезбеди нов дигитален рендген апарат за Јавната здравствена установа Општа болница Гевгелија. Се надеваме дека новиот дигитален апарат за рендген ќе овозможи висококвалитетна здравствена нега за граѓаните на Гевгелија и околните места во регионот кои ги користат услугите на болницата.
Програмата GGP има долг историјат во Северна Македонија. Уште од 1996-та година, благодарение на прекрасните партнерства со многу соработници од земјава, успешно се имплементирани 148 GGP-проекти, од кои 47 се посветени на медицинските институции. Заклучно со претходната година, вкупната поддршка преку GGP изнесува повеќе од 7 милиони евра, нагласи амбасадорот на Јапонија, Н.Е. Савада.
- Надминувањето на кризата со КОВИД-19 претставува глобален предизвик и ние сме многу среќни што ги поддржуваме токму медицинските институции во вашата земја, кои придонесуваат за спасување на многу човечки животи во овие тешки времиња. Се надевам дека нашата поддршка ќе придонесе во справувањето со КОВИД-19. Оваа година, поради пандемијата, целокупната грант-поддршка е насочена кон медицинските институции. Во рамки на програмата се потпишани вкупно 10 грант договори за проекти, а вкупната поддршка достигна повеќе од 540.000 евра, што претставува најголем износ досега кој бил доделен на Северна Македонија преку GGP-програмата од 1996 година, па до денес. Ние, јапонскиот народ, сме многу среќни да ја продолжиме поддршката за вашата земја, бидејќи пријателите кои си помагаат се вистински пријатели, заврши амбасадорот.
По потпшишувањето на договор, директорот на Општа болница- Гевгелија д-р Митко Крџев изрази голема благодарност за донацијата од GGP- програмата за човекова безбедност од Амбасадата на Јапонија во РСМ. Притоа, нагласи дека донацијата се реализира во вистинско време кога здравјето го носи приматот во животот на секој граѓанин.
- Се надевам дека нашата соработка во иднина уште повеќе ќе се зголеми врз основа на нашето пријателство и транспарентно работење кои се присутни повеќе години наназад и истите ќе продолжиме да ги негуваме, заврши Крџев.
По потпишувањето на Договорот, јапонскиот амбасадор во РСМ, Н.Е. Хиронори Савада, во придружба на неговата сопруга, заедно со градоначалникот Сашо Поцков и претседателот на Совет, Тодор Ристов ја посетија Општата болница во Гевгелија, каде што од страна на директорот беа запознаени со справувањето со пандемијата и воопшто функционирањето на оваа здравствена установа.