Усвоена Завршната сметка на Буџетот на Општина Гевгелија за 2020 година
Советот на Општина Гевгелија, на денешната 60 седница,
ја усвои Завршната сметка на Буџетот на Општина Гевгелија во 2020 година, заедно со Кварталниот извештај за извршувањето на Oпштинскиот буџет во изминатата година. На седницата советниците беа информиранио и за Извештајот за работата на Градоначалникот на Општина Гевгелија во 2020 година. Притоа, градоначалникот, Сашо Поцков, во своето обраќање ги информираше советниците дека минатата година ќе остане запаметена по пандемијата од КОВИД-19 која го загрози здравјето на нашите граѓанине, но и предизвика последици на нашето целокупно општествено и стопанско живеење.
- Пандемијата ги промени приоритетите во нашето функционирање и работење. Затоа, во прв ред, настојувавме со конкретна финансиска помош да го зајакнеме здравствениот систем во општината од Општинскиот буџет и од други донатори. Но, и да ги ублажиме последиците во стопанството кое, поради структурата и зависноста од прекуграничниот промет, претрпе најголеми штети. Поради што, изначаен дел од активностите минатата година беа насочени кон донесување и примена на конкретни мерки за ублажување на последиците од пандемијата, согласно нашите надлежности.
Поради пандемијата се променија и приоритетите во работењето на локалната самоуправа. Наместо планско работење и остварување на визијата која ја ветивме пред граѓаните, моравме да посветиме значителен дел од нашите ресурси, финансиски и кадровски, на превенција и намалување на последиците од пандемијата, нагласи Поцков информирајќи дека и покрај новонаметнатата состојба, продолжија активностите за подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните и решавањето на инфраструктурните проблеми.
- Предуслов за тоа, секако, беше стабилизирањето на финансиската состојба на Општината, така што минатата година, наспроти проблемите предизвикани од пандемијата, продолживме со континуиран пораст на реализацијата на буџетските приходи, остварувајќи 81% од предвидениот Основен буџет. Како резултат на тоа значаен дел од буџетските средства беа наменети за модернизација на општината, пред се, за проширување и подобрување на локалната патна инфраструктура, рече градоначалникот на Општина Гевгелија, појаснувајќи дека во извештајот конкретно се наведени сите преземени активности, пред се, за решавање на новонаметнатите проблеми од пандемијата и обезбедување услови за функционирање на образовните, предучилишните, социјалните и сите други општински установи.
- Исто така, настојувавме да ги реализираме и сите предвидени активности со Програмите за комунално уредување и за локални патишта и улици кои придонесоа за подобрување и проширување на патната и комуналната инфраструктура. Уште позначајно е што минатата година, поточно, пред крајот на 2020 година, финишираа сите активности околу тендерската документација за реализација на проектите со веќе доделените грантови. Предвидените проекти за реализација на германскиот грант од 2,5 милиони евра се потврдени и прифатени од меѓународниот консултант кој веќе работи на тендерската документација. Од Министерството за транспорт на 10 март беше распишан тендерот за изградба на улицата „Методија Антонов Ченто“ во Мрзенци, како прва фаза за реализација на доделениот грант од скоро 900.000 евра. Распишан е и тендерот за ревитализација на Старата депонија со доделениот грчки грант од 420.000 евра, со што ќе се создадат услови за профункционирање и на Времената депонија. Станува збор за вкупно 3,8 милиони евра грантови кои ќе бидат реализирани во општината годинава, а за кои беа неопходни подготовки во минатата година. Тоа е најдобра потврда дека битката со пандемијата продолжува, особено, сега кога сме соочени со влошената епидемиолошка состојба. Но, продолжуваат и активностите за поквалитетен живот во општината, констатира градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, во своето редовно годишно обраќање пред советниците за работата во минатата година.
Инаку, Општина Гевгелија, во текот на 2020 година, наспроти предизвиците со кои се соочи поради пандемијата од КОВИД-19, забележа стабилно финансиско работење. Тоа најдобро го потврдува Завршната сметка и остварувањата на Општинскиот буџет кои се скоро на исто ниво, како и во претходната 2019 година кога беа остварени најдобри финансиски резултати во Општина Гевгелија. Вкупно реализираните приходи на Буџетот на општина Гевгелија за 2020 година изнесуваат 428.072.622 денари или 80,94 % од планираниот буџет во вкупен износ од 528.891.907 денари. Приходите на основниот буџет се реализирани во висина од 188.802.389 денари или 80,85% од планираните приходи во висина од 233.515.467 денари.
Реализираните капитални расходи во минатата година, наспроти пандемијата, укажуваат дека инвестиционата активност продолжи и минатата година. Имено, реализираните капитални расходи на Основниот буџет според Завршната сметка на Буџетот на Општина Гевгелија во 2020 година, покажуваат дека од планираните капитални расходи во 2020 година во износ 89.768.685 денари биле реализирани 69.413.655 денари или 77,32%. Тоа е само потврда за развојната компонента на инвестициони активности во Општина Гевгелија и во минатата година. Особено, ако се има предвид дека дел од расходите беа наменети за санација на последиците од КОВИД-19 и подобрување на здравствениот систем во општината.
Имено, покрај редовните буџетски активности, Општина Гевгелија минатата година издвои и посебни средства за финансиска подддршка на здравствениот систем во Гевгелија и поквалитетно справување со пандемијата. Советот на Општина Гевгелија на Општатата болница во Гевгелија и додели 377.364 денари за доградба на Дневниот КОВИД-19 центар, за прием, тестирање и дневна терапија на пациентите. Исто така, Општина Гевгелија обезбеди финансиски средства и ги изврши сите подготвителни активности за поставување и уредување на Модуларната КОВИД- болница во Гевгелија. Почнувајќи од уредувањето на локацијата, па се до приклучување на објектот на водоводната, канализационата и електричната мрежа.