Зголемена грижа за социјално-ранливите категории
- Општина Гевгелија, во текот на минатата година,
согласно донесената Програма за социјална заштита, презеде повеќе мерки и активности за надминување на социјалните проблеми на ранливите категории граѓани. Приоритет беше даден на заштитата на здравјето на граѓаните поради пандемијата на КОВИД-19, но и за решавање на социјалните проблеми со кои се соочуваат одделни граѓани, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, во својот прес на тема: „Социјална заштита“, како составен дел од Извештајот за работа на Градоначалникот на општина Гевгелија за 2020 година.
- Од почетокот на КОВИД-пандемијата до крајот на годината, беа реализирани 6 акции за делење бесплатни пакети со прехранбени производи и дезинфекциони средства, кои Општинските екипи им ги доставија на 100-тина семејства, обезбедени со средства од Буџетот на Општина Гевгелија или како донација од гевгелиските фирми.
- Општината, минатата година, субвенционираше 23 лица корисници на гарантирана минимална помош и социјална пензија кои редовно ја плаќаат сметката за струја и потрошувачката на вода која не надминува повеќе од 20 метри кубни месечно. Во текот на јуни, Советот на Општина Гевгелија ја зголеми субвенцијата за сметките за комунални услуги за овие категории од 500 на 650 денари по домаќинство. На 91 граѓанин со загрозена здравствена состојба поради болест, на лица кои претрпеле штети поради елементарни непогоди, како и на лица неспособни за работа и лица со посебни потреби им беше исплатена еднократна парична помош.
- Во текот на минатата година, исто така, на 163 новороденчиња им беше доделена парична помош. И тоа, во износ од 6.000 илјади денари за прво и второ родено дете и 12.000 денари за трето и секое наредно новородено дете. Од Општинскиот буџет беа издвоени 485.565.444 денари за обезбедување на превоз на лица со посебни потреби. Вкупната бројка на корисници на оваа мерка беа 11 деца, штитетници на Дневниот центар за лица со посебни потреби во Гевгелија. Во јавните општински установи, односно во ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци беше изградена пристапна рампа за лицата со посебни потреби, за која Училиштето издвои средства од сопствениот буџет. Исто така, во истото училиште и Основното училиште „Климент Охридски“ во Миравци, се изградија соодветни тоалети за децата со посебни потреби.
- Во 2020 година, Општина Гевгелија спроведе два проекта во рамки на програмата Општинско-корисна работа, со која овозможи социјално вклучување на невработени лица преку нивно ангажирање на определено, скратено, работно време. Проектот „Отворена врата за социјална инклузија и градење подобра заедничка иднина“ се реализираше заедно со општините Дојран и Богданци. Беа ангажирани три невработени лица, два физиотерапевта и еден асистент на физиотерапевт во Дневниот центар за лица со посебни потреби во Гевгелија. Додека, во проектот „Можности за сите“ беа вклучени пет лица, три во Дневниот центар за лица со посебни потреби, од кои еден социјален работник и двајца негуватели, едно лице како личен асистент на дете со попреченост и едно лице како образовен асистент на дете со попреченост.
- Во однос на унапредување на социјалната заштита и подобрување на квалитетот на живеењето на граѓаните, по повод христијанскиот празник Велигден, Општина Гевгелија им додели по една табла јајца на 100-тина семејства од социјално-ранливите категории. Пред новогодишните празници, Општина Гевгелија организираше и акција за делење новогодишни пакети на децата кои потекнуваат од социјално-ранливите семејства и на децата со посебни потреби. Така, новогодишни пакетчиња добија 40 деца на родители кои се корисници на социјални услуги, како и штитениците на Дневниот центар за лица со посебни потреби во Гевгелија. Додека, на штитениците на Дневниот центар за лица со посебни потреби „Мајка Тереза“- Гевгелија традиционално им беше доделен пакет со овошје и дезинфекциони средства, потсети градоначалникот Поцков, надоврзувајќи се на годинашните активности кои ги презема Општина Гевгелија во рамките на унапредување на социјалната заштита:
- Оваа година, во организација на Општина Гевгелија, а во соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија- Општинска Организација Струмица, беше одржана јавна трибина на тема: „Развој на социјалните услуги на ниво на општина Гевгелија, на која беа презентирани можностите за развој на социјалните услуги, поточно услугата лична асистенција и помош и нега во домот за лицата со попреченост. За кои невработените лица можат да се јават како даватели на услуги преку претходно стекната лиценца за овластен личен асистент или негувател со посета на обуки во Регионалниот центар во Црвен крст- Општинска организација Струмица.
- Во тек е изградбата на станбената зграда со 52 стана, кај старата Касарна, која ќе биде наменета за домување на лица во социјален ризик и други ранливи категории. Нејзината изградба се очекува да биде готова до март, 2020 година. Станува збор за инвестиција од големо значење за социјално-ранливите категории граѓани од Гевгелија.