Поддршка од Општина Гевгелија за младинската иницијатива за разубавување на градскиот парк кај Железничка
Во рамките на Проектот на УСАИД
за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, 15 ученика од ООУ „Владо Кантарџиев“, „Крсте Мисирков“ и СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија на состанокот со раководителите на Одделенијата за образование и социјална, здравствена, детска заштита и други заштити, спорт и култура при Општина Гевгелија ги презентираа своите идеи за реализација на младинска акција за разубавување на градскиот парк кај Железничка, познат за гевгеличани како „Виолета“.
Со оглед на пандемијата од КОВИД-19, акцијата за разубавување на градскиот парк доби предност на листата, на која беа утврдени три приоритети за подобрување на начинот на живеење во Гевгелија во рамките на работилниците кои ги организираше Македонскиот центар за граѓанско образование и Младинскиот образовен форум, за кои е потребна поддршка од Општината. Како приоритети, покрај разубавување на градскиот парк, беа издвоени и акција за подобрување на условите во Дневниот центар за лица со посебни потреби и создавање Младински центар во Гевгелија.
Идејата на 15-тината ученици од гевгелиските училишта за разубавување на градскиот парк ја поддржаа претставниците од Општина Гевгелија, МЦГО и МОФ. Предвидено е модернизирање на паркот преку поставување улична библиотека од каде граѓаните слободно ќе можат да оставаат и разменуваат книги, хортикултурно уредување, доопремување со урбана опрема и реквизити за деца и ново осветлување. Со цел, сите генерации да имаат место каде ќе поминат дел од своето слободно време во дружење, релаксирање и забава.