Комуналните такси за користење на јавната површина остануваат намалени, но и обврската на корисниците за пријавување на услугата
Спроведувањето на даночната политика во Општина Гевгелија,
во 2020 година, се одвиваше во значително отежнати услови, како резултат на пандемијата од КОВИД-19. Имено, Советот на Општина Гевгелија, заради ублажување на последиците од Коронавирусот, по иницијатива на Градоначалникот на Општина Гевгелија, донесе Одлука за намалување на комуналните такси за називот на фирмата, како дел од Општинскиот пакет-мерки за ублажување на последиците од Корона вирусот. Ваквата одлука продолжи да важи и во текот на 2021 година бидејќи нејзината важност беше продолжена од страна на Советот на Општината, имајќи предвид дека пандемијата од КОВИД-19 продолжува.
Според оваа одлука комуналната такса за називот на фирма на деловни простории за физички лица кои вршат дејност и во текот на оваа година, е намалена од 2.000 на 1.300 денари. Додека комуналната такса за називот на фирма на деловни простории на физичките лица кои вршат дејност, а данокот го плаќаат во паушален износ е намалена од 500 на 350 денари, комунална такса за називот на фирма на деловните простории на трговските друштва и други правни лица од областа на производството, прометот и услугите, од 6.000 денари е намалена на 4.000 денари.
Намалените такси воопшто не значат и неизмирување на обврските за користењето на јавните површини од страна на корисниците - предупредуваат во Оддделението за инспекциски надзор на Општина Гевгелија. Токму и затоа, по извршената инспекциска контрола, сите корисници на јавна површини се известени да ги подмират старите обврски, да поднесат барања за користење на јавна површина и да ги обноват договорите со Општина Гевгелија. Доколку не биде тоа направено, ќе уследат санкции предвидени со Законот, имајќи предвид дека со мерките за ублажување од последиците од пандемијата воопшто не се ослободуваат од задолжителните законски обврски.