Центарот „Мајка Тереза“ и ООУ „Владо Кантарџиев“ добија донација од Република Словенија
Денеска, во работна посета на Гевгелија беа
словенечкиот амбасадор во Република Северна Македонија, Н.Е. Милан Предан и директорот на хуманитарната организација „Македонски Каритас“, Павло Шеќерија. Целта на посетата беше предавањето на донација која се состои од пакет дезинфекциони средства на Центарот за лица со посебни потреби „Мајка Тереза“- Гевгелија и Основното општинско училиште „Владо Кантарџиев“- Гевгелија. На предавањето присуствуваше и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков. Н.Е. Предан беше запознат со работата на новиот објект на Центарот „Мајка Тереза“, кај старата Касарна, кој Општина Гевгелија му го додели на користење за работно оспособување и совладување на животните вештини на корисниците.
- Донацијата е дел од проектот за ублажување на последиците предизвикани од пандемијата со КОВИД-19 кој го имплементираат хуманитарната организација „Македонски Каритас“ и Црвен крст на Република Северна Македонија, а е поддржан од Министерството за надворешни работи на Република Словенија. Проектот предвидува поделба на прехранбени и хигиенски пакети на ранливи категории на граѓани, истакна словенечкиот амбасадор, г-дин Предан.
Градоначалникот Поцков изрази благодарност за донацијата до Република Словенија, но и до „Македонски Каритас“ кој одлучи пакети со дезинфекциони средства да добијат токму Центарот „Мајка Тереза“ и ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија. Истовремено, Поцков ја истакна понатамошна поддршка од Општина Гевгелија на овој центар, во сите сегменти на неговото работење и создавање услови за успешно функционирање. Градоначалникот го покани словенечкиот амбасадор да ја посети и Општина Гевгелија, на која средба би се проширила и унапредила понатамошната соработка со Република Словенија.
Раководителот на Центарот за деца со посебни потреби „Мајка Тереза“, о. Димитар Ташев пред г-динот Предан изрази благодарност до Градоначалникот на општина Поцков и Советот на Општина Гевгелија за несебичната материјална и финансиска поддршка на Центарот, со која им помагаат не само на лицата со посебни потреби, туку и на нивните родители.