Заштитата на животната средина- приоритетна цел
- Приоритет на Општина Гевгелија е континуираното подобрување
на квалитетот и зачувување на животната средина преку конкретни вложувања и активности. И тоа, согласно слоганот за кој се заложив на почетокот од преземањето на градоначалничката функција – „Гевгелија, модерна, европска, зелена“. Тоа го правевме преку повеќе акции и проекти за заштита и обновување на животната средина, заштита на животот и здравјето на луѓето, што беше посебно важно по прогласувањето на пандемијата од Ковид 19, одржување на еколошки развој преку реализација на неколку капитални еколошки проекти, користењето на енергијата и енергетската ефикасност. Притоа, ја имавме предвид и „Акцијата 21“, на Владата на РСМ, во која рамка заштитата на животната средина е една од врвните приоритети, како и обезбедените 100 милиони денари за општините за замена на нееколошки системи за греење, за зголемување на енергетската ефикасност, како и за обновување на урбаното зеленило, истана градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, на денешниот прес на тема Животна среднина.
- Во таа насока, за подобрување на енергетската ефикасност, Општина Гевгелија презеде повеќе мерки за намалување на потрошувачката на електрична енергија, заштеда на средства и зголемување на примената на обновливи извори на енергија. Во тек е годинашната акција за замена на 300 натриумови и живини арматури со нови лед-арматури светилки во јавното осветлување во Гевгелија, со што се заштедуваат значајни буџетски средства.
- За функционирање на Времената депонија кај Ново Конско, беа инсталирани фотоволтаични панели за снабдување со електрична енергија. Исто така, се подобри постоечката електрична инсталација во ЈОУДГ "Детска радост"- Гевгелија, а новата Детска градинка во Прдејци ги задоволува стандардите за енергетска ефикасност и системот за еколошко греење.
- Дислокацијата и ревитализацијата на Старата депонија кај Сува река е еден од поголемите проекти за заштита на животната средина. Меѓународниот тендер за реализација заврши, а во тек е потпишувањето на договорот за изведба меѓу Грчката амбасада, која го обезбеди грантот од 420.000 евра, Швајцарската агенција за развој (SECO) и Министерството за животна средина, по што следува и реализацијата на проектот. Со ревитализацијата на старата депонија предвидена е изградба на уште еден заштитен ѕид на Сува Река, посебно третирање на комуналниот отпад и уредување на целиот простор на Старата депонија во зелена површина.
- До крајот на годината, треба да започне изградбата за магистралниот гасовод од Неготино до Гевгелија, а паралелно работиме и на изработка на документацијата за секундарната мрежа. Додека пак, во Миравци преку „Програмата за обновливи извори за поттикнување на енергетската транзиција“ на Владата на РСМ ќе се гради Ветерен парк со грант од КWF банката.
- Општина Гевгелија доби нови контејнери за депoнирање на стаклена амабалажа, како донација реализирана со поддршка на ЗЕЛС, "Пакомак" и ГИЗ. Јавното претпријатие за комунална дејност „Комуналец“ редовно набавува нови контејнери и канти за отпадоци за домаќинствата за депонирање смет, но се грижи и за обновување на зелените површини на градските паркови и дрворедите на булеварот и улиците, ја одржува јавната чистота и ја обновува урбаната опрема. И тоа, не само во Гевгелија, туку и во населените места: уреден е просторот пред Општинската канцеларија во Богородица, дворното место на Подрачното училиште во Богородица, а се засадија и нови дрвца во детските градинки во Негорци и Миравци. Во соработка со граѓанскиот сектор, редовно одржуваме еко-акции за чистење на одредени локации во градот и населените места.
- Во моментот, по иницијатива на Општина Гевгелија, „Комуналец“ работи на расчистување и средување на локацијата која се наоѓа близу населеното место Мрзенци, под самиот Мост на патниот правец Мрзенци-Негорци, на која претходно имаше дива депонија, а истата ќе се претвори во место за одмор и рекреација на граѓаните, оплеменето со урбана опрема и хортикултура.
Бидејќи граѓаните имаат право на здрава животна средина. А, локалната и централната власт се оние што обезбедуваат услови за остварување на ова право. Но, обврска на секој граѓанин е да го штити, чува и унапредува природниот еко-систем. Заедно да допринесеме за чиста и здрава средина!