Олеснувања за децата со посебни потреби во ООУ „Климент Охридски“- Миравци
Во ООУ „Климент Охридски“- Миравци продолжуваат
активностите за полесен пристап на децата со посебни потреби. Со изградбата на тоалетот, Училиштето полека ги исполнува условите за инклузивно образование, со што се надминуваат бариерите за лицата со посебни потреби, овозможувајќи им пристап за непречено извршување на физиолошките потреби.
- За таа цел, беа издвоени финансиски средства од сопствениот Буџет, наменети за подобрување на условите во Училиштето, задоволување на потребите на сите ученици во целина и подигнување на колективизмот на едно повисоко ниво. Бидејќи, училиштето како социјална средина треба да биде отворено кон заедницата, имајќи ги предвид различностите, истакна директорката на ООУ „Климент Охридски“- Миравци, Васка Ефтимова.
- Освен изградбата на тоалетот за лица со посебни потреби, оваа година ги саниравме постоечките тоалети на еден кат, комплетно се изврши замена на водоводната мрежа и се постави нова санитарна опрема. Додека пак, минатата година, во Подрачното училиште во Смоквица, комплетно се реконструираше санитарен јазол.
- Исто така, на вториот повик објавен од страна на Министерството за образование и наука за доделување финансиски средства за реконструкција на објекти на основни и средни училишта, кој трае до 15 април, аплициравме со проект за промена на кровната конструкција на ООУ „Климент Охридски“- Миравци. Се надеваме дека ќе бидеме рангирани и за проектот ќе добиеме финансиски средства кои ќе ни бидат од огромно значење. Бидејќи, уште од самото постоење на училишната зграда, при обилни дождови, доаѓа до прокиснување на таваните во училниците. Со санација на кровот над училниците ќе биде решен овој долгогодишен проблем, посочи Ефтимова.