Локалните транспортери бараат користење на регионалниот пат Прдејци-Смоквица
Советот на Oпштина Гевгелија, на 59 седница,
расправаше по Петицијата за ослободување од плаќање на патарина кај новата наплатна рампа- Гевгелија, односно дозвола за користење на регионалниот пат Прдејци-Смоквица. Барањето е потпишано од страна на осумдесеттина транспортери од општините Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран, а на дневен ред беше ставено по предлог на независните советници, Ристо Ѓорѓиев и Томе Ќичуков.
Се работи за стопански субјекти кои својата дејност ја извршуваат на локално ниво, а со поставувањето на новата наплатна рампа Гевгелија се изложени на дополнителни трошоци во своето работење. Притоа, им е ускратена можноста за користење на алтернативниот регионален пат Прдејци-Смоквица бидејќи е поставен знак за ограничување за движење на моторни возила, чија вкупна маса надминува 5 тони. Ваквото ограничување не важи за фирмите од индустриската зона кај Прдејци и автобусите на општинскиот линиски превоз.
Затоа транспортерите од регионот бараат од надлежните органи, односно од Јавното претпријатие за државни патишта да бидат ослободени од плаќање на патарина или на сите транспортери да им биде дозволено користење на регионалниот пат Прдејци-Смоквица. Советот на Општина Гевгелија и Градоначалникот побараа, согласно надлежностите, државната инспекторка за патишта, Офелија Проданова, во најкус можен рок да ги пренесе овие барања на транспортерите до Министерство за транспорт и врски, како и до ЈП за државни патишта. Истовремено, се нагласува дека на локалните транспортери треба да им се дозволи користење на регионалниот пат Прдејци-Смоквица, освен за оние кои носат ознака ТИР.