Континуираната соработка на полицијата и локалната самоуправа ја зголемува сигурноста на граѓаните
При денешната посета на регионот долж
македонско-грчката граница, министерот за внатрешни работa, Спасовски, оствари и работна средба со градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков и раководството на Регионалниот Центар ЈУГ и на граничниот премин „Богородица“. На средбата се разговараше за актуелни теми од безбедносен аспект и за идните планови за продлабочување на соработката на локалната самоуправа и полицијата. Притоа, беше нагласено дека континуираната соработка на полицијата и локалната заедница дава ефективни резултати за сигурноста на граѓаните.
„Ова е уште една од низата посети која има за цел поблиско запознавање со моменталните состојби и предизвиците со кои се соочуваат полициските службеници, имајќи го предвид приоритетот што го постави раководството на МВР за востановување на модерна, опремена, професионално подготвена, но и задоволна полициска служба”, истакна министерот Спасовски. Преку денешниве средби добивме една целосна претстава за постигнатото во досегашниот период, но ги нотиравме и приоритетите што треба перспективно да се реализираат, односно ги утврдивме целите што во делот на полициските обврски и задачи ги очекуваме и посакуваме во наредниот период од нашите колеги овде”, потенцираше министерот Спасовски.
Спасовски посочи дека во модерните, современи концепти на полициско работење полицијата и локалната заедница се упатени на меѓусебна комуникација и континурана соработка, сè со цел постигнување ефективни резултати во личната безбедност и сигурноста на граѓаните, во одржување на јавниот ред и мир, во заштита на материјалните добра.
„Оттаму, наша основна задача е континуирано етаблирање на таквите стандарди на партнерско делување и квалитетна соработка во сите локални средини, независно дали се тие рурални или урбани. Само така се гради оној неопходен кредибилитет, интегритет и законитост во работењето на полициската служба, во интерес на граѓаните”, подвлече министерот за внатрешни работи, објаснувајќи дека темите кои беа во фокусот на вниманието на средбите се состојбите во сите области од безбедноста, граничното полициско работење, како и соработката на полицијата со локалните власти и со граѓаните.
Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, изрази големо задоволство од соработката со полицијата во областа на безбедноста и ги поздрави контунираните успешни полициски акции за откривање на мигранти во текот на минатата година и двете акции од минатиот месец, кога на јужната граница полицијата откри поголемо количество марихуана и пресече меѓународен канал за шверц со дрога. Исто така, потенцираше дека токму воспоставената соработка меѓу полицијата и локалната самоуправа значително придонесува за сигурноста на граѓаните.