Во тек е уредувањето на пристапните патишта во индустриската зона „Ракита“
Во индустриската зона „Ракита“- Гевгелија,
во тек е уредувањето на пристапните патишта кои се водат на улицата „Аргир Манасиев“. Според планираните активности, градежната фирма „Обнова Инжинеринг“ која на тендерската постапка даде најповолна понуда, работи на подготовките за асфалтирање на пристапните патишта. Односно, со соодветна механизација истите се тампонираат, а ќе бидат поставени и бетонски ивичњаци. По завршувањето на подготвителните работи, ќе уследи асфалтирањето во изведба на градежната фирма „Топ Билд“ од Скопје која, исто така, беше избрана со најповолна понуда на отворената постапка за јавна набавка. Должината на пристапните патишта, на кои се реализира зафатот за урбанизација со средства од Буџетот на Општина Гевгелија, согласно Општинската програма за изградба на улици и патишта, изнесува 1800 метри.
Според градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, со ваквиот инфраструктурен зафат значително ќе се подобрат условите за непречено одвивање на сообраќајот на овие пристапни патишта кои водат до стопанските објекти во индустриската зона „Ракита“. Бидејќи многу години наназад, при обилните врнежи, истите беа подложени на дупки каде се насобираше вода и кал.