Стартува обновата на патната и комуналната инфаструктура
Во Општина Гевгелија, во тек е реализацијата
на неколку проекти за проширување и подобрување на локалната патна мрежа. По завршените тендерски постапки и потпишаните договори со изведувачите, на неколку локации во Гевгелија и во населените места се изведуваат активности за изградба, реконструкција и бетонирање на улици и краци. Во станбената населба „Караорман“ во Гевгелија се градат две нови улици, во стопанската зона „Ракита“, исто така, две пристапни улици, а изведбени работи за бетонирање на улици и краци се вршат и во неколку населени места. Деновиве, ќе започне и пролетната акција за бетонирање, односно уредување со бекатон на повеќе тротоари во Гевгелија и во другите населени места.
Покрај овие редовни инфраструктурни активности, предвидени со годишните буџетски програми, стартува и реализацијата на капиталните инвестициони зафати кои главно се реализираат со грантови. Станува збор за вкупно 3,8 милиони евра грантови средства со кои значително ќе биде подобрена патната и комуналната инфраструктура во Општина Гевгелија. По завршениот тендер, во Министерството за трнаспорт и врски, преку кој всушност се реализира доделениот грант на Општина Гевгелија од 900.000 евра од Светска банка, финишираат подготвителните активности за изградба на улицата „Методија Антонов Ченто“ во Мрзенци. Со тоа започнува и реализацијата на првата фаза од овој грант кој се планира да биде наменет, исто така, и за изградба на Западниот булевар.
Пред потпишување е и договорот со изведувачот за ревитализација на старата депонија кај Сува Река, по завршената тендерска постапка што ја водеше Министерството за животна средина. Како што е познато донатор на 420.000 евра за реализација на овој проект е Грчката влада, така што во најскоро време се очекува договорот да биде потпишан меѓу Грчката амбасада во нашата земја, Швајцарската агенција за развој и Министерството за животна средина. Тоа ќе значи и започнување на изведбените работи за дислокација на Старата депонија и нејзина ревитализација. Во завршна фаза се и подготовките околу реализацијата на грантот од од Германската влада преку KFW банката за поквалитетно водоснабдување и сепарација на атмосферската од фекалната канализација. Меѓународниот тендер за реализација на капиталните проекти во вредност од 2,5 милиони евра треба да го распише ЈПКД „Комуналец“ по согласноста за тендерската документација од страна на меѓународниот консултант која се очекува да се обезбеди наскоро.