Општина Гевгелија продолжува со пролетната акција за бетонирање на помали улици и краци
На листата со уредени краци во општина Гевгелија,
преку пролетната акција на Општина Гевгелија за подобрување на локалната патна инфраструктура, се запишаа и крак од улица „Никола Карев“ и два крака од улица „Кожуф“. Трите крака се бетонирани, а градежните активности ги изврши фирмата „Мансард“.
Градоначалникот на општија Гевгелија, Сашо Поцков, истакна дека со завршувањето на градежните активности за бетонирање на овие помали улички, граѓаните кои живеат околу и секојдневно минуваат низ нив, добија соодветни услови за приод. Зашто, состојбата на овие краци, пред бетонирањето, беше значително лоша- по обилните дождови, граѓаните газеа во вода и кал.
- Според планот за подобрување на локалната патна инфраструктура во 2021 година, градежната фирма „Мансард“ наредниов период ќе работи на помалите улици и краци во населените места. Така што, годинава, патната инфраструктура значително ќе биде подобрена, истакна Поцков.
Инаку, во стопанската зона „Ракита“ привршуваат градежните работи за бетонирање со поставувањето на бетонските рабници на трите пристапни патишта. Откако ќе бидат поставени, ќе уследи асфалтирање во изведба на градежната фирма „Топ Билд“ која, годинава, ќе биде задолжена за асфалтирањето на улиците во општина Гевгелија.