Почнува реализацијата на три капитални проекти
- Општина Гевгелија распиша тендери за три капитални проекти
кои беа најавени на почетокот од годината, а чија реализација е овозможена по ребалансот на Буџетот на Општина Гевгелија што беше извршен на последната седница на Советот на Општина Гевгелија. Станува збор за проекти кои значително ќе ја подобрат патната инфраструктура во Гевгелија и околината и чија потреба е присутна подолго време, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, на денешната прес-конференција.
- Имено, скоро една деценија се зборува за изградба на улицата „Свети Климент Охридски“ во Гевгелија. Поточно, продолжувањето на булеварот „Гевгелија“ и неговиот западен крак, од колективната станбена зграда, позната како „Грчка“, на Караорман, па се до Динќут. Распишан е тендерот за изградба на оваа значајна сообраќајница бидејќи со оваа заобиколница ќе се создадат услови за дислокација на товарниот сообраќај од центарот на градот, кој досега се одвиваше преку улицата „Петар Мусев“, се до „Моински пат“. Во првата фаза од оваа улица, со должина од 1230 м., предвидено е изведување на припремни работи, изведба на долен строј и дел од горен строј на улицата по целата должина и спојување со „Моински пат“ кај Динќут. Во втората фаза ќе следува и нејзино асфалтирање, но главно е дека во најскоро време улицата ќе биде оспособена за товарен сообраќај.
- Со вториот тендер се бара изведувач за изградба на новопланираната улица, односно, на стариот пат од кај мотелот „Вардар“ до македонско-грчката граница. Улицата е со должина од 930 м и во првата фаза се предвидува изведување на припремни работи, изведба на долен строј и дел од горен строј на улицата по целата должина. Со изградба на оваа улица ќе се овозможи делницата на стариот автопат од мотелот „Вардар“ и хотелот „Сенатор“ да се поврзе со веќе изградените улици во „Милци“ и поврзување со автопатот Е75), со што Гевгелија ќе добие нов излез на автопатот.
- Со третиот распишан тендер ќе се реализира изградбата на улицата „Александар Бел“ на Мрзенски Рид кај Гевгелија. Станува збор за изградба на улицата која се наоѓа во новата станбена населба „Мрзенски Рид“ и е со должина од 850 м. и два крака од по 110 м. Во првата фаза се предвидуваат припремни работи, изведба на долен строј, одводнување и дел од горен строј на главната улицата и двата крака.На тој начин ќе се обезбеди непречена сообраќајна комуникација на жителите во оваа станбена населба, каде што веќе се изградени и допрва ќе се градат станбени објекти.
Покрај овие капитални проекти, нагласи градоначалникот Поцков, се подготвува и тендер за изградба на влезната улица во населбата Серменин, од влезот до центарот на ова потпланинско село. Исто така, се подготвува и тендер за изградба на Градскиот сквер, односно паркот на старата локација на Градскиот пазар. Како што е познато, беше изработен идеен и основен проект за хортикултурно и партерно уредување на оваа локација во центарот на градот.
Инаку, продолжува пролетната акција за изградба на нови улици, како што се улиците во стопанската зона „Ракита“, асфалтирање и бетонирање на повеќе улици и краци, како и уредување на тротораите на повеќе улици во градот. Со акцијата, покрај Гевгелија, се опфатени и населените места.