Градоначалникот Поцков и претседателот на Советот, Ристов, им го честитаа празникот 20-ти Мај на гевгелиските пожарникари
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков и претседателот на Советот на општина Гевгелија, Тодор Ристов,
по повод Денот на пожарникарите, 20 -ти Мај, денес ја посетија ТППЕ – Гевгелија, при што на пожарникарите им го честитаа празникот. Притоа, на пожарникарите, по повод празникот, им беше подарен телевизор.
Градоначалникот Поцков, честитајки им го празникот, им посака што помалку работа во престојните летни месеци и повеќе да делуваат на превентивен план одошто на терен. Општината, истакна Поцков, инвестира континуирано во човечките ресурси и набавка на соодветна опрема за единицата и најави, во рамките на прекуграничната соработка со Бугарија и Грција, набавка на специјална опрема за шумски пожари, како и ново противпожарно возило.
Претседателот на Советот на Општина Гевгелија, Тодор Ристов, исто така, им го честиташе празникот на гевгелиските пожарникари и потенцираше дека како и до сега, така и во иднина, општина Гевгелија ќе се грижи за модернизирање на Територијалната противпожарна единица и изрази благодарност за досегашната соработка на Советот на општината со ТППЕ Гевгелија.
Командирот на ТППЕ-Гевгелија Игор Ризов, во име на сите пожарникари, се заблагодари на честитките и на подарокот, и напомена дека ТППЕ-Гевгелија, покрај основната дејност, а тоа е гаснењето на пожари, честопати е ангажирана и за технички интервенции. И тој посака во наредниот период да има што помалку пожари и интервенции, за да има што помала материјална загуба на имотите на граѓаните. Во првите пет месеци од оваа година, истакна Ризов, ТППЕ имала 70 интервенции, за разлика од истиот период во 2020 година, кога интервенирала 40 пати.