Започна акцијата за асфалтирање на улици и патишта во општина Гевгелија
Во општина Гевгелија започна акцијата
за асфалтирање на улици и патишта. Во тек се градежните работи за асфалтирање на двете значајни сообраќајници во населеното место Миравци. Имено, градежната фирма „Топ билд“ од Скопје која годинава беше избрана за изведувач со најповолна понуда за афалтирање на улици во општина Гевгелија, деновиве работи на улиците „Гоце Делчев“ и „Иднина“. Станува збор за поставување асфалт во должина од 400 метра. Пред почнувањето со асфалтирање на улиците, истите беа реконструирани, за што беше ангажирана градежната фирма „Анса“- Миравци.
Исто така, во Миравци, со пролетната акција за бетонирање на помали улици и краци, уредени се и два крака, еден на улица „Ристо Јанев“ и еден на улица „Маршал Тито“, во изведба на градежната фирма „Мансард“ од Гевгелија.
Според планот за асфалтирање на улиците, согласно Програмата за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на општинските патишта и улици во општината, фирмата „Топ билд“, по завршувањето со асфалтирањето на улиците во Миравци, утре продолжува со работа на дел од патниот правец Негорци-Кованец во должина од 200 метри.