Стартува ревитализацијата на депонијата кај Сува Река
Стартува затворањето и ревитализацијата
на депонијата кај Сува Река, со што се создаваат предуслови за целосно отстранување на депонираниот комунален отпад на оваа дива локација и надминување на проблемите што се јавуваат поради тоа. По објавениот јавен повик за затворање на депонијата кај Сува Река, како најповолна беше избрана понудата на фирмата BUILDING DEVELOPMENT HOLDING LTD Sofija Bugarija. Договорот меѓу бугарската фирма и ЈПКД „Комуналец“ од Гевгелија веќе е потпишан, а во текот на месец јуни изведувачот треба да биде воведен во работата, нагласуваат во гевгелиското Kомунално претпријатие.
Согласно објавениот повик и потпишаниот договор, изведбените работи ќе започнат со изградба на уште еден потпорен ѕид од северната страна на Сува Река. По третирањето на комуналниот отпад на оваа дива депонија, истиот ќе се покрие со заштитна прекривка-геотекстил, врз која ќе има тампон од песок и земја. Исто така, предвидена е и изведба на резервоар, каде би се собирал исцедокот од прекриениот отпад. По ова, по целата површина од депонијата да биде засадена трева.
Целиот проект ќе се реализира со доделениот грчки грант, односно, неискористените 420.000 евра доделени од Грчката влада, согласно потпишаниот трилатерален договор меѓу Швајцарската, Грчката и Македонската влада за изградба на прочистителната станица кај Сува Река. По изградбата на овој капитален проект, меѓу Министерството за животна средина на РСМ, Швајцарската агенција за развој, преку која се реализираше најголемиот дел од донираните средства за прочистителната станица и Грчката амбасада, во нашата земја беше постигнат договор преостанатите средства од грчкиот грант да бидат наменети за затворање и ревитализација на дивата депонија кај Сува Река.