Бујар Османи и економските советници се запознаа со бизнис и туристичките потенцијали на општина Гевгелија
Во посета на општина Гевгелија
беа министерот за надворешни работи, Бујар Османи и амбасадорот, директор на за економска и јавна дипломатија при МНР, Игор Попов заедно со тимот економски советници кои ќе бидат испратени да ги промовираат потенцијалите за економска соработка, трговска размена, инвестиции и туризам во Германија, Полска, Турција и Обединетите Арапски Емирати.
Во текот на посетата остварија средби со градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков и со претставници на деловниот сектор во општината, а ги посетија и разговараа со сопствениците на неколку компании со производствени капацитети. Имено, беа посетени: текстилната фабрика „НОЕЛ“, фабриката за водоводна и фекална канализација „Конти Хидропласт“, винаријата „Риго Инпекс“ и фабриката за зеленчук и овојше „Вори“. Со посетата, економските советници беа запознати со можностите кои ги нуди Гевгелија, со цел во текот на нивниот мандат подобро да ја претстават земјата и нашата општина.
На средбата, министерот Османи во своето обраќање посочи дека економските советници со својата работа ќе допринесат за развивање на нова димензија на дипломатијата и дека ќе продуцираат низа придобивки за зголемување на соработката со земјите во кои ќе бидат испратени.
- Задачата на економските советници ќе биде, секако, да ги престават потенцијалите на Република Северна Македонија како привлечна дестинација за странски инвестиции, да ја промовираат земјата како атрактивна туристичка дестинација, да ги промовираат нашите извозни потенцијали, но и воопшто да ја промовираат Северна Македонија како економски и политички бренд кој претставува дел од современото општество, истакна Османи.
- Очекувам во текот на наредните месеци, во согласност со протоколите кои ги наметна пандемијата, да отпочнеме со видео-средби и презентации со нашите партнери и колеги од Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Турција, Австрија, Германија, Обединетите Арапски Емирати и земјите од заливот; активност за што примарно ќе бидат задолжени економските советници “, нагласи Османи.
Од страна на амбасадорот Игор Попов, на присутните им беа претставени четирите економски советници: Илија Псалтиров во Варшава, Абдиџемал Саити во Минген, Сузана Рубева во Анкара и Бекри Ајдини во Абу Даби, кои ќе будат упатени во амбасадите во овие дестинации за да ги имплементираат економските политики.
Градоначалникот Поцков ги наведе поволностите што ги нуди општина Гевгелија за развивање бизнис, ги посочи позитивните искуства на странските инвестиции во градот и информираше за опсежните можности за унапредување на соработката, трговската размена, туризмот и инвестициите, посакувајќи им на економските советници им успешен мандат.
- Денес, на оваа средба ни е дадена можност да ја презентираме општината, пред се, нејзините бизнис и туристички потенцијали. Со нас се претставниците на неколку преработувачки капацитети за овојше и зеленчук кои своето производство, главно, го пласираат на странскиот пазар. Потоа, најголемите производители на грозје и наливно вино, производителот на кошули на најголемите светски брендови, како и најголемиот производител на полиетиленски цевки. Со нас се и претставници на неколку градежни фирми и компании за меѓународен траспорт, како и поголемите туристичко-угостителски компании. Природните погодности и местоположба овозможуваат во општина Гевгелија да бидат развиени бањскиот, планинскиот, а посебно казино-туризмот. Во прв ред, поради големото присуство на странски туристи кои транзитираат низ нашата земја, но и на грчките државјани кои во голем број престојуваа во Гевгелија.
Прекинувaњето на граничниот промет поради КОВИД-пандемијата предизвика огромни штети на туризмот и угостителството, но и на услужните дејности. Затворањето на грчката граница значеше и затворање на туристичко-угостителските капацитети и казина во Гевгелија, каде што беа вработени 2.000, главно, млади луѓе. Како и бројните услужни и други капацитети кои зависеа диретно од прометот на грчките туристи, кои останаа под клуч, нагласи градоначалникот Поцков. За што министерот Османи по излагањето на Поцков истакна дека на наредната седница на Влада ќе предложи за Општина Гевгелија посебен третман за справување со последиците од КОВИД-пандемијата.
- Наша крајна цел е преку презентација и афирмација на бизнис и туристичките потенцијали на општината, не на штета на екологијата и економијата, да обезбедиме уште поголемо присуство на странски пазар, а во исто време да привлечеме и странски инвеститори. Затоа и нашите очекувања од денешната средба со министерот Османи и економските советници се во таа насока, заврши Поцков.
По што, уследи презентација на предлози и проекти од страна на бизнис-заедницата во Гевгелија кои ќе бидат соодветно претставени во земјите на акредитација на економските советници.