Во Гевгелија одржана „Регионалната ревија на песни, музика и игри“ на пензионерите од Повардарскиот регион
Во организација на Здружението на пензионери
од Гевгелија, беше одржана „19 Регионална ревија на песни, музика и игри на пензионерите од Повардарскиот регион“. На ревијата настапија пензионерите од: Гевгелија, Богданци, Дојран, Валандово, Демир Капија, Неготино, Кавадарци и Велес. Поради здравствените протоколи, овој културен настан се одржа на отворено, во Негорските Бањи, на кој пензионерите од 8-те града го презентираа фолкорното наследство. На отворањето на ревијата присуствуваше и градоначалникот на општина, Сашо Поцков, при што на сите учесници им посака добредојде, истакнувајќи дека по долгиот период во време на КОВИД-пандемијата и застојот на културата, особено му е драго што овој настан го збогати културниот живот на пензионерите, овозможувајќи им дружење преку презентирање на фолкорното богатство и традиција.
Ревијата беше прогласена за отворена од претседателката на Сојузот на здруженија на пензионерите на РСМ, Станка Трајкова, која истакна:
- Со оваа Регионална ревија заврши Регионалниот музички пензионерски карван кој започна во Прилеп, а продолжи во Гевгелија. Сето ова ќе финишира со Републичката ревија на песни, музика и игри на пензионерите, на 23 јуни во Скопје. Со ваквите дружења, истакна таа, пензионерите не само што ја чуваат богатата македонска фолклорна традиција, туку и го збогатуваат квалитетот на своето живеење.