Старата чаршија во Гевгелија во духот на минатото
Во рамките на четиридневната културна програма
по повод чествувањето на Заштитникот на градот Гевгелија- Спасовден под покровителство на Општина Гевгелија, во Старата чаршија оживеа духот на минатото. Домот на култура „Македонија“- Гевгелија ја одржа „Ревијата на традиционални носии“, во соработка со Ансамбл „Бојмија“- Гевгелија и КУД „Јане Сандански“ при НУКЦ „Ацо Ѓорчев“- Неготино. Гевгеличани имаа можност да погледнат народни носии од повеќе етнички предели. Покрај прикажувањето носии, вечерта беше збогатена и со концерт на традиционална музика, со вокално-инструментални изведби на Ансамблот „Бојмија“ и КУД „Јане Сандански“- Неготино.
Денеска, културното чествување завршува со претставата „Умри машки“ од Алдо Николај, во продукција на Домот на култура „Македонија“- Гевгелија, а во режија на Катица Џишева Дупарова. Во претставата играат: Eлена Брзилова, Силвестер Проле и Каме Ќаев. Поради големата заинтересираност на публиката, а согласно протоколите за огранизирање културни настаани, претставата ќе се одигра и на 12, 15 и 17 јуни, со почеток во 20:00 часот. Билетите за трите закажани термини се распродадени.