Укината забраната за движење од 00:00 до 04:00 ч.
Владата на Република Северна Македонија
на својата 79-та седница ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести и ги донесе следните одлуки:
Почнувајќи од денеска (16 јуни, 2021 година), престанува да важи забраната и посебниот режим на движење на лица и возила од јавен превоз на територијата на Република Северна Македонија, Исто така, од денеска се укинува ограничувањето на работното време на сите угостителски објекти и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензинските станици, казината и обложувалниците и други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, а за време на работно време се дозволува работа само на отворените делови - тераси од угостителскиот објект, освен служење пијалаци во внатрешноста на казината и автомат клубовите.
Владата донесе заклучок да се дозволи одржување настани на отворено со 50% од капацитетот на просторот каде што ќе се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1000 посетители. Согласно препораката на Комисијата за заразни болести од денеска е дозволено организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси со максимум 50% исполнетост на капацитетот на отворениот дел, наместо максималните 100 гости како што беше до сега.Владата донесе заклучок да престане да важи обврската угостителскиот објект во кој има прослава да ја регистрира и пријави прославата во угостителската комора која води регистар на свадби, прослави и останати веселби. Соодветно на овие заклучоци и одлуки, Владата препорача да се измени и дополни Протоколот за организирање на свадби/прослави и веселби.
На последната седница, Владата донесе Одлука за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година за исплати на финансиската поддршка за регистрираните превозници за меѓународен линиски и/или слободен превоз на патници кои ги исполнуваат условите за доделување на помошта од мерки 7 и 8 од петтиот сет на економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на КОВИД-19.
Со мерката 7 е предвидена финансиска поддршка на компаниите кои вршат меѓународен превоз на патници кои се запишани во регистарот на превозници што се води во Министерството за транспорт и врски, а кои вршат меѓународен линиски превоз на патници. Врз основа на анализата на горенаведените податоци, предлог пресметката опфаќа 50 компании со вкупен број на вработени 951 (со различен број на часови на кои се осигурени). Во предлог пресметката предвидено е да бидат исплатени 13.653.750,00 денари за исплата на компаниите.
Со Мерката 8 - Финансиска поддршка за превоз на патници во патниот сообраќај, е предвидена скалеста поддршка на транспортните компании регистрирани во регистарот на Министерството за транспорт и врски кои поседуваат лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници, при што минималниот износ ќе изнесува 3.000 евра, а максималниот износ на поддршка ќе изнесува 10.000 евра.