Со подигање на нивото на јавната свест до еднаквост и рамноправност за лицата со попреченост
На денешната јавна расправа, на тема
„Состојбата и предизвиците на лицата со телесен инвалидитет“, организирана од Центарот за поддршка на НВО- Гевгелија, произлегоа повеќе заклучоци врз база на отворената дискусија за тековната состојба, можностите и новите законски можности и политики за подобрување на личниот, социјалниот и активно вклучување во општествениот живот на лицата со телесна попреченост. На јавната расправа беа поканети и присуствуваа: Томислав Цветковски- советник за Инспекциски надзор за остварување и давање на услуги од социјална заштита – инспектор во МТСП, Сашо Поцков- градоначалникот на општина Гевгелија, Бранимир Јовановски- претседател на Националниот сојуз за лица со телесен инвалидитет „Мобилност Македонија“, Маријана Тошева- секретар на Црвен крст- ОО Струмица и Даниела Гошева Кангов- претседател на Здружението на граѓани за лица со телесен инвалидитет- Гевгелија. Како и претставници на: општинската администрација, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа- Гевгелија, Фондот за здравствено осигурување- Гевгелија, Црвен Крст- ОО Гевгелија, Здружението на лица со телесен инвалидитет и Здружението на слепи лица од Гевгелија.
На јавната расправа воведен збор зеде градоначалникот Поцков, при што во своето обраќање изрази благодарност за поканата на јавната расправа.
- Општина Гевгелија организираше неколку средби и јавни трибини со лицата со попреченост од Гевгелија за да се идентификуваат нивните потреби. Со цел Општината во согласност на своите надлежности да им помогне на ваквите лица за надминување на урбаните бариери. Било во рамките на финансиската поддршка на здруженијата или во олеснувањето на пристапот за нормално функционирање. Бидејќи градиме еднакво општество за сите, со креирање политики за инклузивност и квалитетен живот за сите граѓани без разлика на полот, верата, националноста или кои било други разлики, истакна Поцков.
Претседателот на ЗГ за лица со телесен инвалидитет од Гевгелија, Кангова Гошев, во своето обраќање посебен акцент стави на бариерите со кои се соочуваат лицата со телесен инвалидитет:
- Иако сме 21 век и за пристапноста на лицата со телесен инвалидитет треба да зборуваме како за веќе решен проблем, сепак, се соочуваме со бариери кои го попречуваат нормалното функционирање. И, тоа поради висината на тротоарите и немањето пристапни рампи секаде, импровизираните вертикални и коси рампи или воопшто немањето обезбеден пристап во јавните институции, немање можност за јавен превоз поради неадаптирани возила и ограничување на можноста за вработување поради претходно наведените причини.
Претседателот на НСЛТИ, Јовановски, во своето излагање истакна дека локалната самоуправа треба да направи добра дијагностика на сите недостатоци во градот кога станува збор за лицата со телесен инвалидитет и да изнајде соодветни решенија опфатени во програмите каде ќе бидат застапени повеќе елементи на пристапност, како би се воспоставил функционален систем за социјална интеграција на ваквите лица. И тоа, најмногу во делот на пристапноста при изградба и реконструкција на улици која зависи од инвентивноста на архитектите. Бидејќи, некои промени не бараат големи фискални импликации, туку бараат поголема свесност. Притоа, ги нагласи и заложбите на НЛСТИ „Мобилност Македонија“:
- Голем дел од нашите активности се насочени кон подигањето на нивото на јавната свест на граѓаните и институциите за потребите на лицата со инвалидност, за тоа каков вид на поддршка или адаптација им е потребна, за да се чувствуваат еднакви и рамноправни со останатите. Активно учествуваме при донесување на законски решенија кои се однесуваат на лицата со телесен инвалидитет, во онаа мера во која е консултиран, па дури и повеќе бидејќи честопати успеваме да дојдеме до работни материјали и иницијативи самостојно. Секогаш нашите предлози и сугестии биле разгледувани со најголемо внимание од работните групи во институциите, се стекнавме со препознатливост и се поголема партиципативност при подготвувањето на текстот на законите. Секако дека како Сојуз активно делуваме и во донесување на позитивни законски решенија и во други области, горди сме што успеавме да ги подобриме решенијата за нашите членови во Законот за здравствена заштита, да придонесеме за впишување на нови, модерни и софистицирани ортопедски помагала, пред сѐ стандардно лесни и активни инвалидски колички, хидраулични повеќе-осовински коленски зглобови, динамични стопала и целосно електронска надколена протеза, за нашите членови со надколена ампутација.
Цветковски пред присутните ги презентираше новите мерки и измени во Законот за социјална заштита кои се во процедура, а се во корист на лицата со попреченост. Како објавени повици за добивање грант за развој на социјални услуги во Република Северна Македонија, со цел да се поддржи спроведувањето на процесот на деинституционализацијата и да се зајакне вклучувањето на децата и лицата со попреченост во општеството, преку развој на одржливи социјални услуги во заедницата, во прв ред, услуги за поддржано живеење (домување) во заедницата и средства за други иновативни услуги во заедницата од страна на општините, здруженијата или приватни даватели на услуги. Додека, Тошева од Црвен крст- ОО Струмица, ги сподели позитивните искуства на корисниците на услугата персонална асистенција во домот, како мотивација оваа услуга да биде повеќе афирмирана во општината и да ја користат и лицата со попреченост Гевгелија, но и да се зголеми бројот на даватели, со претходно стекната лиценца на обука за персонален асистент.
Инаку, јавната расправа Центарот за поддршка на НВО- Гевгелија ја организираше во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) и Национален младински совет- Скопје.