Поцков: „Нема намалено поведение на учениците во основните училишта поради протестите“
- Задоволни сме од тоа како се одвиваше
изминатата учебна 2020/2021 година, со сите потешкотии низ кои поминаа и учениците и наставниците поради пандемијата која го промени целокупното наше живеење, па и образованието. За сите социјални ранливи ученици обезбедивме дигитални помагала, немаше застој во образовниот процес, а за замена на инфицираните наставници обезбедивме средства од Основниот буџет на општината, истакна градоначалникот на општина гевгелија, Сашо Поцков, во изјава за „ТВ Нова 12“
Поцков ги оцени како лажни вести информациите од иницијативата „Учебници и настава мора да има“ дека има ученици во неколку градови, меѓу кои и Гевгелија, на кои им е намалено поведението поради учество на протестите против дигиталните учебници:
- Одговорно тврдам дека ниту еден ученик од основните училишта во општина Гевгелија нема намалено поведение поради учество на протестите, а доколку има кај некој ученик намалено поведение, тоа е поради изостаноци од електронската настава.
Тој најави дека на наредната седница на Советот на Oпштина Гевгелија, закажана за 28 јуни, со ребалансот на Буџетот ќе бидат издвоени средства за набавка на електронски помагала, иако лично би сакал, од септември, доколку тоа дозволи епидемиолошката ситуација, учениците да се вратат таму каде што им е и местото, во своите училници.