Признанија за петте Првенци на генерација од основните училишта во Гевгелија
На прием кај градоначалникот на општина Гевгелија,
Сашо Поцков, денеска беа петте ученика кои од страна на Наставничките совети при гевгелиските основни училишта се прогласени за Првенци на генерацијата, за учебната 2020/21 година. Традиционално, Градоначалникот им оддаде признание за нивниот континуиран одличен успех и постигнатите резултати во текот на основното образование. Исто така, Поцков им ги додели решенијата за парични награди во износ од 5.000 денари на: Ивана Грујиќ од ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, Живко Узунов од ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци, Зорица Геровска од ООУ „Климент Охридски“- Миравци и Радмила Зашева, ученичка во класата по флејта во ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија. Од оправдани причини, Првенецот на генерација од ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија, Јована Ѓореска, не беше во можност да присуствува на приемот.
Поцков им го честиташе признанието, посакувајќи им уште многу успеси во понатамошното школување кои ќе ги доведат до остварување на желбата- да бидат она што сакаат на професионален план.
- Вашиот избор за упис во средното образование нека биде рационален, со јасна визија и силна волја за напредување и постигнување на она што го планирате. Се надевам дека еден ден кога ќе завршите со школувањето, ќе се вратите во вашиот роден град, придонесувајќи со вашето работење и делување во општествениот живот за неговиот развој.
Инаку, во разговорот со Градоначалникот, Јована, Ивана и Радмила истакнаа дека своето школување ќе го продолжат во СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, Живко во Средното медицинско училиште во Штип, додека Зорица во Приватното средно училиште „САБА“- Скопје.