ВО ГЕВГЕЛИЈА СЕ НУДАТ 60 СЛОБОДНИ РАБОТНИ МЕСТА
Во Гевгелија, во моментот преку Агенцијата за вработување, на невработените лица им се нудат 60 слободни работни места.
Во првите 13 дена од месец август, преку оглас, се бараат возач на камион, молер, шпедитерски техничар, хигиеничар на производствени-работни простории, шивач на текстил, зидарски работник, градежен работник и тесарски работник. Всушност тоа се и најдефицитарните занаети во општина Гевгелија, поради што работна рака се ангажира од соседните општини Валандово, Богданци, па, и од Кавадарци и Неготино. Посебно, кога станува збор за работници во конзервните фабрики и на лозовите плантажи.
Скопскиот регион, како најголем, нуди и најголем број слободни работни места. Повеќе од половината, од вкупно понудените 8000 работни места во земјата, или 4.919 се во Скопско. Следуваат Тетово со 444 слободни работни места, Штип 314, Битола 275, Куманово 272, Струмица 195, Виница 168. Најмалку слободни работни места се нудат во Валандово четири и Свети Николе три слободни работни места.
Бројките покажуваат дека на пазарот на труд има сериозни дисбаланси – вишок на правници и економисти, а недостаток на работници и продавачи. Многумина немаат работа, а компаниите не можат да најдат кадар. Најмногу работници се бараат во преработувачката индустрија, трговијата и административните дејности. Постои јаз меѓу она што е потреба на работниот процес и тоа што системот го произведува како кадар.