Поголема мобилност и ефикасност за спречување на пожарите
По последните пожари кај Топлик,
во Гевгелија и над Петрово, кои беа локализирани, градоначалникот на Општина Гевгелија Сашо Поцков, одржа состанок со директорите на ЈПКД „Комуналец“ и ШС„ Кожуф“, Златко Зумров и Драги Попов, како и со командирот на ТППЕ- Гевгелија, Игор Ризов, а во врска со потребата од превентивно дејствување против пожари. Особено, по најновиот топлотен бран и тропските горештини што ја зафатија Општина Гевгелија, повремените налети од ветер, наспроти неодговорното однесување на одделни граѓани. Опасноста од пожари демне на секој чекор поради што е неопходна целосна мобилност и ефикасност на постојните служби, беше констатирано на состанокот. Во прв ред, од ТППЕ- Гевгелија, екипите составени од шумски работници при ШС „Кожуф“, како и комуналните работници, но и поголема будност и одговорност на граѓаните. Било кога се во прашање посети во шумите и други пошумени или необраснати локации, да не користат запаливи материи кои можат да предизвикаат пожар од пошироки размери. Или пак кога се спроведуваат работни активности во пошумени или други локации, посебно при палење на сртништата да ги зголемат мерките на претпазливост за да не дојде до опожарување на околината.
- Граѓаните многу поодговорно треба да се однесуваат во услови на невообичаено високи температури кога и едно најмало невнимание може да предизвика огнена стихија со катастрофални последици. Последните пожари се најдобар пример за тоа, бидејќи кога пожарите се јавуваат во тешко проодни предели, противпожарните возила и екипи се попречени да ја спречат огнената стихија. Затоа, уште еднаш апелирам до граѓаните да водат посебно сметка и одговорно да се однесуваат при престој во шумите, при палењето на стрништа или изведувањето на одредени работни активности. Се предупредуваат и патниците кои патуваат со автомобили, автобуси и воз, дека секое фрлено догорче може да предизвика пожари долж патните комуникации, предупреди граоначалникот Сашо Поцков.
На состанокот беше договорено ТППЕ- Гевгелија да организира патроли кои ќе ги обиколуваат и контролираат потенцијалните жаришта, пред се, околните полиња, екипите на ШС „Кожуф“ да организира патролни контроли во шумите, а комуналните служби да ги следат состојбите на дивите депонии. Истовремено, е упатен апел до граѓаните доколку забележат одредени сомнителни места на кои е присутен оган или дим, веднаш да ги известат надлежните служби во најблиските институции и установи или да се јават на телефонскиот број 193.