Општина Гевгелија без ниту еден корона заразен пациент
Oпштината, по повеќе од десет месеци континуирана,
епидемиолошка инфицираност од КОВИД-19, според најновиот извештај на ИЈЗ, официјално нема ниту еден заболен од Корона вирусот. Така, Гевгелија се пресели на листата од 15 општини во државата во кои нема корона заразени пациенти. Имено, ваквото целосно ослободување од Ковид 19 уследи откако ипоследниот активен пациент оздраве.
Инаку, од почетокот на пандемијата, во општина Гевгелија беа заразени вкупно 2195 граѓани од кои 2122 оздравеа, а 72 завршија со смртен исход како последица од компликациите настанати од вирусот. Особено, критичен беше третиот бран што ја зафати земјава во периодот март-април, годинава, кога во Општина Гевгелија драстично зе зголеми бројот на заболените од КОВИД- 19. Истовремено, за жал, се зголеми и бројот на заболените кои не можеа да се спасат.
За цело ова време, здравствениот систем во општината настојуваше да се справи со пандемијата, а Општинскиот штаб за заштита и спасување, не само што континуирано ја следеше епидемиолошката состојба, туку и носеше конкретни мерки. Истовремено, беа иницирани повеќе акциии за подобрување на условите за прием и лекување на заболените во Општата болница во Гевгелија. Со средства од Општинскиот буџет на самиот почеток од пандемијата во Гевгелија беше извршена доградба на КОВИД-центарот за дневен третман, а подоцна беа финансирани и инфраструктурните подготовки за поставување на Модуларната КОВИД- болница. По пандемијата, овој објект ќе биде преуреден во Инфективно одделение кое досега не постоеше во Општата болница во Гевгелија. И покрај тоа што општина Гевгелија се најде меѓу општините без Корона- заразени пациенти, Општинскиот штаб за заштита и спасување во Гевгелија апелира до граѓаните и правните субјекти и натаму да ги почитуваат заштитните мерки.