Обука за воспитно-образовниот процес во услови на пандемија
Четириесет лица- наставници, стручни соработници
и директори од гевгелиските основни училишта и гимназијата беа дел од обуката на тема „Образованието, семејството и менталното здравје во време на КОВИД-19“ која ја организираше Општина Гевгелија во соработка со Институтот за европски, образовни и социо- културни економски политики „ЕВРОПА ЗА ТЕБЕ“ од Скопје. На обуката, во улога на предавачи излагаа проф. д-р Ана Фрицханд на тема: „Предизвиците пред менталното здравје во време на пандемијата од КОВИД-19“, проф. д-р Елизабета Томевска- Илиевска на тема: „Модели на вербална и невербална комуникација со учениците во услови на пандемија“, а проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова на тема: „Улогата на семејството и масовните медиуми во време на КОВИД-19 – предизвици и последици“.
- Иницијативата за одржување на оваа обука, во координација со мултидисциплинарниот тим на Институтот, произлезе од актуелната ситуација предизвикана од пандемијата со КОВИД-19, која го наруши и промени традиционалниот воспитно-образовен процес. Имено, од пандемијата произлегоа протоколи и нови модели за реализација на наставата, за истата да не биде прекината и да се одрази негативно врз образованието на учениците. Со промените директно беа засегнати и наставниците, и учениците и нивните семејства. Затоа, сметав дека гевгелиските просветни работници заслужуваат ваква обука за професионален развој, на која ќе ги прошират знаењата за предизвиците, менталното здравје, моделите на вербална и невербална комуникација помеѓу наставниците и учениците, и улогата на семејството и МАС-медиумите во услови на КОВИД-19, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, по завршувањето на обуката, на доделувањето на сертификатите на просветните работници во основните и средното училиште. Потенцирајќи дека Општина Гевгелија секогаш ќе го поддржува просветниот кадар и ќе се ангажира за нивен континуиран, професионален развој, се со цел стекнатите знаења на ваквите обуки да ги применуваат и истите да придонесат за уште подобар квалитет во работење со учениците.