Димитар Јанев- именуван за нов член во Советот на Општина Гевгелија
Советот на Општина Гевгелија, на денешната седница,
го верификува мандатот на Димитар Јанев од листата на СДСМ за нов член на Општинскиот совет. Имено, до верификација на мандатот на Јанев од населеното место Моин дојде по оставката на претходниот советник, Лазар Мешков, кој е избран за секретар на Црвен крст на Република Северна Македонија- ОО Гевгелија. Мнозинство членови на Советот ја изгласа пренамената на Буџетот на Општина Гевгелија за 2021 година, во делот на Основниот буџет во висина од 4.000.000,00 денари и во делот на Буџет-дотациите во висина од 300.000,00 денари. Или, вкупно 4.300.00,00 денари.
На седницата беа усвоени и измените и дополнувањата на Финансовите планови (ребаланс) за 2021 година на Општинските основни училишта „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, „Крсте Мисирков“- Гевгелија и „Климент Охридски“- Миравци, со што се обезбедуваат дополнителни средства за набавка на информатичка опрема за учениците. Советот донесе Одлука за позајмица на средства од Општинскиот буџет во висина од 90.000 евра за реализација на проектот „Одржливо управување на прекуграничните водни ресусрси (AQUA M2), кои по завршувањето на последната петта контрола од страна на назначениот контролор ќе бидат вратени на Буџетската сметка на Општина Гевгелија. Исто така, и Одлука за определување на крајбрежен појас на регулиран водотек на реката Рауљ, низ Блок 10.5 на град Гевгелија, општина Гевгелија, опфатен со Урбанистички план за измена и дополнување на ДУП за дел од блок 10.5 на град Гевгелија, општина Гевгелија, со која се определува ширината на крајбрежниот појас, по претходно добиена согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање.
На 63-тата седница, советничкиот состав донесе Одлука Градскиот стадион- Фудбалското игралиште во Гевгелија да се даде на користење и располагање на ФК „Кожуф“- Гевгелија, по претходно поднесеното барање на правниот субјект за стопанисување со спортскиот објект. За што правата и обврските за користењето и одржувањето на стадионот ќе се регулираат со договор помеѓу Општина Гевгелија и ФК „Кожув“- Гевгелија. Советот на Општина Гевгелија именуваше тројца членови од редот на советниците во Општинскиот совет за превенција на детско престапништво, согласно Одлуката за формирање на истиот, пропишан со Законот за правда на децата. Имено, за членови се именувани: Eлизабета Јаневска од СДСМ, Трајко Арџанлиев од ВМРО и Томе Кичуков од Независната листа на советници.
На оваа седница, советниците беа информирани за состојбата со јавното осветлување во населените места во општина Гевгелија и за состојбата со занаетчиската дејност во општина Гевгелија. Финансискиот извештај на ЈПДК „Комуналец“- Гевгелија за периодот од 1.01.2021 година до 31.03.2021 година доби позитивно мислење за финансиските резултати од работењето на Јавното претпријатие со дадената согласнот од страна на советниците. Советниците ја поддржаа Одлуката за измените и дополнувањата на Одлуката за основање Центар за развој на Југоисточниот плански регион бр. 07-230/1 од 29.01.2008 година, со која се вршат технички промени во членовите и ставовите на истата.