Четири капитални проекти за подобрување на патната инфраструктура
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков,
денес ги потпиша договорите со градежните компании „Жикол“ и „Еуроинг“ за изведба на четири капитални зафати во општина Гевгелија кои значително ќе ја подобрат патната инфраструктура. Станува збор за изградба на породолжението на Западниот булевар – улицата „Св. Климент Охридски“, новата сервисна улица до Милци, потоа изградбата на улицата „Методија Андонов Ченто“, од влезот до центарот на Мрзенци и улицата „Александар Бел“ во станбената населба на Мрзенски Рид. На објавениот јавен повик за најповолна понуда за изградба на двете улици во Мрзенци беше избрана фирмата „Жикол“, додека за изградба на продолжението на Западниот булевар и сервисната улица до преминот Богородица е избрана фирмата „Еуроинг“.
- Како што веќе најавив, по обезбедените средства и завршената тендерска постапка, започнува реализацијата на четири значајни инфраструктурни зафати во општината. Скоро една деценија се зборува за изградба на улицата „Свети Климент Охридски“ во Гевгелија, поточно, продолжување на булеварот „Гевгелија“ и неговиот западен крак, од колективната станбена зграда, позната како „Грчка“, на Караорман, па се до Динќут. Со изградба на оваа значајна сообраќајница ќе се создадат услови за дислокација на товарниот сообраќај од центарот на градот, кој досега се одвиваше преку улицата „Петар Мусев“. Во првата фаза од оваа улица, со должина од 1230 м., предвидено е изведување на припремни работи, изведба на долен строј и дел од горен строј на улицата по целата должина и спојување со „Моински пат“ кај Динќут. „Еуроинг“, исто така, ќе ја изведува и новопланираната улица, односно, на стариот пат од кај мотелот „Вардар“ до македонско-грчката граница. Улицата е со должина од 930 метри и во првата фаза се предвидува изведување на припремни работи, изведба на долен строј и дел од горен строј на улицата по целата должина. Со изградба на оваа улица ќе се овозможи делницата на стариот автопат од мотелот „Вардар“ и хотелот „Сенатор“ да се поврзе со веќе изградената сообраќајна инфраструктура кај „Милци“ и поврзување со автопатот Е75, со што Гевгелија ќе добие нов излез на автопатот, изјави по потпишувањето на договорите градоначалникот Сашо Поцков.
- Со „Жикол“ потпишавме договор за изградба на улицата „Методија Андонов Ченто“ од влезот на Мрзенци, па се до центарот, кај ресторанот „Јавор“. Проектот се реализира со дел од доделениот грант од Светска банка, преку Министерството за транспорт и врски, кое наскоро ќе го воведе изведувачот во работа. Покрај ова, „Жикол“ ќе ја изведува и улицата „Александар Бел“ на Мрзенски Рид кај Гевгелија. Станува збор за главната сообраќајница во новата станбена населба, со должина од 850 метри и два крака од по 110 метри. Во првата фаза се предвидуваат припремни работи, изведба на долен строј, одводнување и дел од горен строј на главната улицата и двата крака, истална Поцков.
За продолжението на Западниот булевар, за сервисната илица кај Милци и улицата „Александар Бел“ во Општинскиот буџет се обезбедени 37 милиони денари, додека изградбата на улицата „Методија Андонов Ченто“ ќе чини 14 милиони денари. Овие средства се обезбедени од доделените 900.000 евра од Светска банка, кој грант се реализира преку програмата на Министерството за транспорт и врски“.