Во тек е машинското обележување на спортските игралишта во општина Гевгелија
Во тек е одбележувањето на спортските игралишта
во општина Гевгелија, во склоп на акцијата за машинското одбележување на улиците со хоризонтална сообраќана сигнализација, годинава. Според договорот со фирмата „МС СТОП ИНЖЕНЕРИНГ“ која на електронското наддавање беше избрана со најповолна понуда, ќе бидат обележани сите спортски игралишта во училиштата, како и теренските игралишта во градот и населените места. Станува збор за обележување на површина од 1200 метри квадратни со сина и жолта боја. За првпат, во годинашното машинско обележување на хоризонталната сообраќајна сигнализација е вклучено и машинско фарбање на кошаркарски и фудбалски игралишта.
На крајот од акцијата за обновување на хоризонталната сигнализација, ќе биде обележана и велосипедска патека долж булеварот „Гевгелија“ со црвена боја, која е предвидена во првата фаза да биде до кружниот тек на крстосницата со улица „7 Ноември“. Обележувањето на хоризонтална сообраќајна сигнализација се врши на површина од 9.400 метри квадратни, за што Општината издвои 1.082,882 денари без ДДВ од Општинскиот буџет.
Како што нагласи градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, во текот на неделава треба да започне и замената на старите табли за кошеви на кошаркарските игралишта во Гевгелија и населените места. Така што, во најкраток рок игралиштата ќе бидат санирани, со поволни услови за спортување.