Инфо ден на тема: „Рак на дојка- скрининг и рана детекција“
Преку Interreg- IPA CBC програмата за прекугранична соработка
помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција, во рамките на проектот „Унифициран информационен систем за размена на примарните здравствени единици во пограничното подрачје за итни здравствени случаи- HEALTH-INFO, Oпштата болница со проширена дејност- Гевгелија организира Инфо ден на тема: „Рак на дојка- скрининг и рана детекција“. Инфо денот ќе се одржи утре (8 јули, 2021 година), во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 12:00 чaсот.
На настанот со поздравен говор и краток вовед за проектот ќе се обрати директорот на Општа болница- Гевгелија, д-р Митко Крџев, а Билјана Демерџиева, дипломирана медицинска сестра, д-р Сашко Ризов и д-р Нако Поп-Ристов од Општата болница- Гевгелија ќе имаат стручно излагање на темата. Предвидена е и дискусија со можност за поставување прашања во врска со темата од присутните. На 9 јули, во ООУ „Климент Охридски“- Миравци, со почеток во 12:00 часот, ќе биде одржан истиот Инфо ден и за жителите од населеното место Миравци.
Во рамки на истиот проект, се реализира бесплатен скрининг на дојка во градовите: Гевгелија, Битола, Солун и Воден, кој ќе трае две години. Во првиот бран на бесплатниот скрининг во Општата болница со проширена дејност- Гевгелија беа опфатени околу 400 жени од општините Гевгелија, Богданци и Дојран.