Подобрување на условите во Невропсихијатриското и Хируршкото одделение во Општа болница- Гевгелија
Се реконструира Одделението за невропсихијатрија
во Општата болница со проширена дејност- Гевгелија. Станува збор за комплетна реконструкција, односно замена на столаријата, ново осветлување и молеро-фарбарски работи. Освен ова Одделение, ќе се реконструира и Одделението за хируршки болести, со средства од донации и Буџетот на Општата болница- Гевгелија. Зафатите предвидено е да завршат до крајот на месец јули, истакна директорот на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија, д-р Митко Крџев,
Во врска со новата операциона сала, директорот посочи дека веќе е изградена и опремена. По дообучувањето на персоналот, истата ќе биде ставена во употреба.
- Со реконструкцијата на двете оделенија, со новата хируршка сала, како и со новиот рендген-апарат кој е добиен од Јапонската амбасада, ќе бидат подобрени здравствените услуги кои се даваат на пациентите, како и условите за нивен престој во болницата. Додека трае реконструкцијата на Невропсихијатриското оделение, пациентите привремено ќе бидат сместени Интерното оделение, додека Амбулантата продолжува да си работи според предвиденото работно време.
Како што е познато, за новата хирушка сала изведбените работи беа дел од проектот „Заеднички активности за заштита и подобрување на здравјето на луѓето во прекуграничната област“ (IpA SHIELD II ), кој се имплементираше со финансиска поддршка од ИПА-ППС со Грција. Беа набавени: оперативна табла, хируршко светло, инструменти, апарат за анестезијa, терaпевтски ултразвук и инфрацрвена светилка, како и опрема за лапароскопска хирургија.