Одобрени 654.068,00 денари за санација на два полски пата во Богородица
На Општина Гевгелија и се одобрени финансиски средства
во висина од 654.068,00 денари за санација на два полски пата во атарите на населеното место Богородица. Станува збор за санација на полски патишта во должина од 1.625 метри. Имено, средствата се обезбедени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на РСМ, за кои Општина Гевгелија, преку Југоисточниот плански регион, аплицираше на објавениот повик, согласно Програмата за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој. Раководителката на ЈИПР, Жулиета Ѓуркова, на 12 јули ќе ги потпише договорите за финансирање на проектите, одобрени на Општина Гевгелија, Општина Богданци, Општина Валандово и Општина Струмица, во висина од 2.757.037,00 денари. По потпишувањето на договорите со МЗШВ, ќе се спроведе тендерска постапка за избор на изведувач на одобрените проекти.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, изрази задоволство што и оваа година на Општина Гевгелија и се одобрени средства за санација на полските патишта. Бидејќи, со реализацијата на ваквите проекти значително ќе се подобри пристапноста до обработливите површини во подрачјата на интензивна земјоделска дејност. Имено, минатата година, со одобрените средства од истата програма на МЗШВ, во атарот на населеното место Богородица беше ревитализиран полски пат во должина од 260 метри.