Уредување и проширување на детските катчиња во општина Гевгелија
Во тек е акција на Општина Гевгелија за уредување
и проширување на детските катчиња со урбана опрема- реквизити на деца. Акцијата ја реализира ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија. Нови детски катчиња ќе никнат на ул. „Илинденска“ пред јавната површина на станбениот комплекс и во централното подрачје на населеното место Моин. Додека, детското катче во „Виолета парк“ на ул. „Маршал Тито“ ќе биде дополнет со нови реквизити. Останатите реквизити ќе бидат распределени по останатите населени места од Општина Гевгелија. Паралелно на оваа акција, ЈПКД „Комуналец“ ќе ја обнови и урбаната опрема покрај овие детски катчиња. Согласно склучениот договор за набавка на опрема за детски игралишта со економскиот оператор „Концепт Верхаус“ ДООЕЛ- Скопје, кој даде најповола понуда на тендерската постапка, набавени се: детски лулашки од метална конструкција со две полиетиленски двослојни корпи, дупли клацкалки од метална конструкција со четири полиетиленски седишта, полиетиленски двослојни клацкалки со челичен федер во форма на животно, ротациона кружна играчка со четири полиетиленски седишта и вештачка трева. Набавените реквизити за деца ги исполнуваат пропишаните стандарди за квалитет и безбедност при користење на истите. Набавката на истите се реализираше со финансиски средства од Буџетот на Општина Гевгелија, во висина од 765.330 денари, без ДДВ.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, истакна дека Општина Гевгелија редовно се грижи да ги разубави и збогати веќепостоечките катчиња за деца со нови, современи реквизити кои ќе придонесат за уживање на децата во играта. Но, и да се отворат нови катчиња во населените места, каде што има потреба. Истовремено, и да се обнови урбаната опрема околу овие катчиња за родителите и останатата возрасна категорија за одмор.Имено, со минатогодишната акција за уредување на детските катчиња нови реквизити беа поставени на детското катче кај Новиот пазар и „Виолета парк“, а беше обновена старата урбана опрема за деца на детските игралишта и во населените места.