Гевгелија ќе добие нови мултифункционално игралиште и детски парк
Гевгелија ќе добие ново мултифункционално игралиште
за ракомет, фудбал и кошарка, како и нов детски парк. Станува збор за донација од Државна лотарија „Аустриа касинос“ ДОО Скопје, која со посебна одлука денес беше прифатена од Советот на Општина Гевгелија. Мултифункционалното игралиште за ракомет, фудбал и кошарка ќе биде уредено на ракометното игралиште во Градскиот стадион во Гевгелија. За таа цел, теренот ќе биде реконструиран, ќе биде монтирана гумена подлога на површина од 800 метри квадратни, а ќе бидат набавени и поставени по два коша и фудбалски голови, како и монтирана ограда околу теренот.
Детскиот парк ќе биде уреден на локацијата пред социјалните згради, крај Западниот булевар. На 440 метри квадратни ќе бидат поставени: пирамида од челична конструкција со јажиња, сет од по 2 клацкалки, лулашки, инклузивна детска вртелешка клацкалка и лулашка, наменети за лица со специјални потреби, како и детски комплекс од дрвена конструкција со три платформи, 2 лизгалки и друга рекреативна опрема. Со реализацијата на оваа донација и уредувањето на детскиот парк се создават уѕслови за уредување на целата локација, согласно урбанистичкиот план, во зелена површина.
По донесената одлука за прием на донацијата, се очекува да биде склучен договор со донаторот – Државна видеолотарија „Аустриа касинос“. Веднаш потоа, ќе уследи и реализација на целиот проект со кој значително ќе бидат збогатени спортско-рекреативните терени во Гевгелија.