Гевгелија води по процентот на вакцинирани лица против КОВИД-19
Според податоците на Министерството за здравство
за процентот на вакцинирани лица против КОВИД-19 по градови, заклучно до 1 август, Гевгелија е на првото место со најголем опфат на имунизирани граѓани кој изнесува 46,2%. Или, во бројки, 12.698 примиле прва доза, а 8.325 втора доза вакцина против КОВИД-19. Од Општата болница со проширена дејност- Гевгелија информираат дека, заклучно со 26 јули, 2021 година, на двата пункта прва доза примиле 7398 граѓани од општините Гевгелија, Богданци и Дојран. Додека, ревакцинирани се 2.321 граѓанин. Преку теренската вакцинација, се вакцинирани 1.554 лица. Кон крајот на оваа недела, по пребројувањето на регистрирани, вакцинирани лица се очекува оваа бројка да биде зголемена, бидејќи расте интересот на граѓаните да стекнат имунитет против КОВИД-19.
По Гевгелија, следуваат општините: Кавадарци со 46,1%, Охрид 45,4%, Битола 43% и Штип 41,1% со највисок опфат на вакцинирано население. Генерално, од Министерството за здравство сметаат дека вакцинацијата се одвива со добро темпо на територијата на целата држава. Заклучно со 1 август, со една доза на вакцина против КОВИД-19 вакцинирани се 31% од населението над 18 годишна возраст. Кај лицата над 50 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 50,6%, кај лицата над 60 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 61,2%, додека кај лицата над 70 години изнесува 64,9%.