Собрани 37 единици крв, наградени двајца крводарители од ОО Црвен крст- Гевгелија
Во соработка со Службата за трансфузиона медицина,
ОО Црвен крст од Гевгелија спроведе крводарителската акција во населеното место Миравци, на спортското игралиште, како дел од традиционалниот турнир во мал фудбал „КМФ 2021“. Како што истакна новоизбраниот секретар, Лазар Мешков, на акцијата која започна во 20 часот, а траеше до 24:00 часот, вкупно 37 граѓани даруваа од оваа драгоцена течност која секојдневно е потребна за да се продолжат многу животи.
На оваа крводарителска акција, крводарителот Митко Цуклевски, по пат на извлекување, од страна на ОО Црвен Крст Гевгелија на подарок доби велосипед, додека Дамјан Ристов ја доби главната награда- патување за двајца на островот Крф, од Туристичката агенција „ESCAPE“.
Од раководството на ОО Црвен Крст Гевгелија се задоволни од акцијата.
- Да даруваме крв денес зашто утре можеби и нам ќе ни треба, апелира гевгелискиот Црвен крст, истакнувајќи дека во наредниот период ќе ја интензивира кампањата за дарувањето крв.